Пратеничката на СДСМ Жалкина Лазаревска денеска од собраниската говорница истакна дека предлог – буџетот за 2023 година е во насока на надминување на предизвиците од глобалната економска и енергетска криза.
„Тој е развоен и е одговор на последиците од светската економска криза. Со Буџетот за 2023 година на дело се продолжува со грижата за граѓаните и домашната економија. Овој Буџет е основата на нашата визија за стабилна, економски просперитетна и напредна Северна Македонија, идна земја членка на ЕУ. Фокусот на новиот буџет за 2023 се базира на неколку столба и тоа справување со послеците од кризата и поддршка на најранливите категории граѓани, стабилен економски раст, поддршка и интензивирање на евроинтеграцијата на земјата, транспарентност и отчетност“, истакна Лазаревска.
Пратеничката Лазаревска истакна дека следната година е година на економска пресвртница, која започнува токму со овој буџет, со којшто се обезбедени 250 милиони евра за дополнителни мерки за помош на граѓаните.
„Пари се обезбедени и за нов раст на минимланата плата и за пензиите. Досега имаме зголемување на минималната плата на 18.000 денари, за во март се предвидува ново покачување на 20.000 денари, а за пензиите во една тековна година зголемени се за 10 отсто, а очекуваме во март да имаме усогласување и зголемување за околу 7 отсто“, нагласи Лазаревска, додавајќи дека околу 790 милиони евра се предвидени за капитални проекти, што е за 52,3 повеќе од 2022 година.
„Капиталните инвестиции во патна инфраструктура пред се коридорот 8 и коридорот 10, железничката инфраструктура, градежни активности во инфраструктурата, дополнително ќе го поттикне економскиот раст, кој според ЕБОР треба да биде 2,3 отсто, според најцрното сценарио, што ќе биде многу подобро од нивото на државите во еврозоната“, посочи Лазаревска.
Таа нагласи дека 70 милиони евра се предвидени за справување со енергетската криза и поддршка на сметките за електрична енергија на домаќинствата.
Пратеничката Жаклина Лазаревска во своето обраќање посебно се осврна на буџетите на министерството за труд и социјална политика и на министерството за образование.
„Буџетот на МТСП за 2023 изнесува 858,3 милиони евра, со кои се обезбедуваат и сигурни и редовни пензии, континуиран раст на пензиите, усогласување на пензиите два пати во годината, септември и март, средства за дополнителна финансиска поддршка на пензионерите со примања до 14.000 денари согласно Законот за финансиска поддршка“, посочи Лазаревска.
Таа нагласи дека со изградбата и проширувањето на планираните градинки и со Проектот за подобрување на социјалните услуги ќе се зголеми опфатот за околу 950 деца во предучилишното воспитание.
МОН има предвидено развоен буџет од 450 милиони евра за образованието во 2023 година, што е за 8,4% повеќе во однос на тековната, истакна Лазаревска, нагласувајќи дека инвестициите во образовната инфраструктура ќе продолжат со зголемен интензитет.
„Ќе посочам неколку покрупни проекти, ќе отпочне изградба на објект за потребите на Универзитетот ‘Мајка Тереза’ во Скопје, а ќе продолжи и изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје, ќе се гради нов објект за кумановската гимназија ‘Сами Фрашери’. Ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови и во рок од 30тина месеци треба да станат современи и енергетски ефикасни“, рече Лазаревска, додавајќи дека продолжува изградба и реконструкција на 118 училишта, продолжува и проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, преку кој во 2023 ќе започне изградбата на 10 нови спортски објекти.
Истакна дека се зголемува обсегот на стипендиите, особено за студентите од социјалните категории, а продолжува и проектот студентски оброк.
„Како одговорна власт продолжуваме со вистинска грижа за граѓаните, со вистинска грижа за македонската економија, ја менуваме државата на подобро“, порача од собраниската говориница во обраќањето на седницата посветена на предлог буџетот за 2023 година, пратеничката на СДСМ Жаклина Лазаревска.