Она што како СДСМ и владејачка партија го правиме најдобро е континуирано подигање на платите, минималната и просечната, а со тоа и подобрување на животот на граѓаните. Ветивме дека ќе има раст на минималната, но и на сите плати и тоа во последните 4,5 години навистина го покажуваме на дело, истакна пратеничката на СДСМ Жаклина Лазаревска.
Таа потсети дека СДСМ во 2017 година кога дојде на власт донесе измени на законот за минимална плата, кој беше дискриминирачки, направи социјална неправда и голема поделба на богати и сиромашни, посебно на најранливите.
-Додека едни земаа 10.080 денари, помногубројни беа оние, особено вработените во текстилната, кожарска и чевларската дејност, кои земаа 8.900 денари, првиот предизвик беше да се изедначи минималната плата за сите дејности и во 2017 година ја зголемивме на 12.000 за сите во сите сектори, истакна Лазаревска, додавајќи дека во 2018/19 година, минималната плата е покачена на 14.500, а во моментов според постоечките критериуми изнесува 15.194 денари.
Таа од собраниската говорница на расправата за законот за минимална плата, нагласи дека законот за минимална плата произлезе по договор меѓу синдикатите, работодавачите и владата.
Таа наведе дека овој закон ја уредува и финансиската помош за исплата и контрола во остварување на финансиска помош за работодавачите, критериумите како фирмите да користат субвенции, од 1.197 денари и ги обврзуваат фирмите да не ги испуштаат работниците за кои зеле субвенција најмалку 1 година.