„Можеби за Бугарија овој француски предлог е најдобрата понуда, но на масата седиме двајца’’, вели за „Локално“, претседателот на македонско- бугарската комора Кирил Лазаров.
Според него, понуди од типот на португалски или француски предлози имало и ќе има, но се додека не бидат во согласност со нашите национални интереси, ние треба да си ја бркаме домашната работа, односно да се обидеме да обезбедиме стабилни институции, нулта корупција и силни економски реформи. Лазаров потсетува на неговото континуирано лобирање да создаде атмосфера на доверба и прагматизам меѓу двете држави, но како што посочува, Бугарија останува заглавена во историски неразбирлив наратив.
„Софија повеќе или помалку секогаш е на погрешната страна на историјата и ама баш никогаш се нема позиционирано на Балканот стратешки и не била фактор за стабилност. Единствена можност за Софија да има политичка тежина на Балканот во стратешка смисла, освен Црното Море е и односот кон Македонија. Таа не може да има економско влијание во Србија, Турција, Грција или др. соседи, но може во Македонија, и место паметно да го искористи тој ресурс, тие се закопуваат се подлабоко во својата безидејност“,остро коментира Лазаров.
Во вакви услови,додава тој, последиците се очекувани. Оттука, коментирајќи го падот на владата на Петков, вели: “На Петков му пресуди менталитетот на бугарското општество, тесните емотивни врски со Москва и бирократскиот Брисел”.
Лазаров изразува и длабоко незадоволство од опструкциите на одредени политички субјекти како кај нас, така и во Бугарија.
„Запрепастени сме од воајерите во политиката, таму е Каракачанов од ВМРО, а кај нас најголемиот воајер во политиката Христијан Мицкоски од ВМРО ДПМНЕ. Стојат на страна и само гледаат, ги уриваат позициите на државите, а зборат за единство и патриотизам. Тоа се перверзни патриоти, мазохисти во политиката, колку полошо за државата и политичкиот опонент, толку подобро за нив“, оценува Лазаров.
Падот на владата на Петков се чини дека дополнително ги усложни релациите меѓу Македонија и Бугарија. Политичките аналитичари веќе се согласни околу констатацијата дека една од причиите е начинот на кој се водеше спорот со нашата земја, па оттука , дали на харвардскиот судент му „пресуди“ желбата да ги поттурне работите напред?
-Релациите помеѓу Македонија и Бугарија во политичка и економска смисла се комплицирани. Низ историјата се трудевме со Бугарија да градиме блиски, да не речам братски односи. Тоа се одрази и во економските перфоманси. Интересен факт е што без разлика која влада во Македонија ќе практицираше власт, ние имавме контиунитет во односите, но кај нив беше видливо дека политичките елити имаа проблем бидејќи градеа рејтинг на македонското прашање. Кај нас во ниту една политичка реторика ниту во предизборието,ниту oпстоjувањето на власт, не беше пресудно бугарското прашање. Зошто? Едноставно е, ние немаме проблем со Бугарија, но тие за жал имаат проблем со нас, проблемите кои Бугарија ги позиционира кон нас се несфатливи во 21 век и европските вредности. Не сакам да прејудицирам, но Бугарија ја изгуби шансата да биде наш ментор и стратегиски партнер. Токму заради тоа што во скоро сите политички партии високо на агендата е македонското прашање, комбинациите за стабилна влада во Бугарија се исклучително тешки. Ме плаши тоа што првично се мислеше дека тоа е заради популизам, но после самитот за Западен Балкан стана јасно дека Бугарија има развиено доктрина преточена во национална стратегија за негирање на некои наши идентитетски карактеристики. Во суштина Петков и да сакаше, немаше стабилна Влада да ја спроведе агендата на САД и ЕУ за стабилен Западен Балкан.
Дилемата да ги поттурне работите напред е во суштина хипотеза во која е задскриена друга агенда која никој паметен не може да ја разбере, а тоа е блокада. Има 35 поглавја во преговарачката рамка, Бугарија може не еднаш, туку 35 пати да не турка напред или назад. Падот на Петков е логичен сплет на композицијата на неговата коалиција. Во интервју минатата година кога немаше ниту сантиметар најава за војната во Украина, нотирав еден факт, најголемото геополитичко промашување на Европа и на Бугарија ќе биде неинтеграција на Западен Балкан во ЕУ. Замислете која кусогледност, преговорите можат да траат 10-15 години пред полноправно членството во ЕУ и оваа генерација на политичари блокира процес која рефлектира негативизам кон цела идна генерација на политичари. Глупаво до недоглед. За 10 години од сега во Бугарија ќе има помалку за уште еден милион граѓани, кај нас, Албанија, Србија, Црна Гора итн. можеби уште еден милион луѓе. И, за што зборуваме ние? За бизнис, образование, здравство или безбедност? Гледаме само желба за власт, корупција, геополитика, интереси и интигри и кај нас и во Бугарија. Да резимирам, на Петков му пресуди менталитетот на бугарското општество, тесните емотивни врски со Москва и бирократскиот Брисел. Можеби Петков повторно ќе успее да направи Влада, но моќта и интегритетот ќе му оди во надолна линија.
Од друга страна, Петков веќе изјави дека францускиот предлог е во согласност со бугарските национални интереси, додека македонскиот политички врв излезе со став дека неговото евентуално прифаќање би значело целосно национално предавство. Дали навистина овој предлог е најдобрата “понуда’’ на Бугарија и колку воопшто можеме да се надеваме дека во некој следен, догледен период ќе дојде до барем делумно менување на работите?
-Во суштина, претходно имаше португалски предлог, кога Португалија преседаваше со ЕУ, сега е француски итн. Францускиот предлог не беше целосен во смисла на потврда на нашите црвени линии и заштита на истите преку процесот, но и дека Бугарија во т.н протокол нема да има нови барања. Можеби за Бугарија овој француски предлог е најдобрата понуда, но на масата седиме двајца. За нас не беше добар предлог во два- три сегменти и во форма која беше претставен. Никогаш не стигна официјално до нас како држава, дури и мене ми изгледаше за пробен балон до каде ние би оделе во позициите или Бугарија. Стратегија во насока, за можеби некој нов друг договор.Нашата надеж треба да се темели на формирање на силни институции, 0 корупција, силни економски реформи додека не дојдат предлози од кои и ние би биле задоволни.
Погрешна е тезата дека ние секој самит треба да го гледаме како живот или смрт, а искрено не сме кадарни да направиме еден автопат од Скопје до Косово, или да спречиме на пример милионски кражби на струја во околината на Скопје. За мене знаете ли која е најдобрата понуда која би требало да ја добиеме од Брисел или Софија? Понуда за економски или разовен протокол, протокол за грантови, инвестициски фондови, заеднички бизнис козорциуми, 0 данок на ИТ, развојни зони, бришење на бирократски, царински и други протоколи. Иновативни бизнис инкубатори, заеднички фонд за развој на иновации и технологии. Понуди од типот на португалски или француски предлози имало и ќе има, но се додека не бидат во согласност со нашите национални интереси ние да си ја бркаме домашната работа.
Повеќе од очигледно е дека темата Македонија често се злоупотребува во Бугарија, со цел да се прикријат други негативни работи во политиката, особено во економијата.Дополнителен отежувачки фактор се и наводите за блискоста на одредени политички структури со Русија. Каков е вашиот впечаток, во која насока е свртен погледот на Софија- кон Брисел или кон Москва? Дали и какви последици по нас би имало нивното евентуално оддалечување од ЕУ?
-Тука ќе бидам експлицитно јасен и доволно краток во одговорот. Погледот на Софија е кусоглед. Фрустрира кај оние кои разбираат политика, геополитика и историја. Софија повеќе или помалку секогаш е на погрешната страна на историјата и ама баш никогаш се нема позиционирано на Балканот стратешки и не била фактор за стабилност. Единствена можност за Софија да има политичка тежина на Балканот во стратешка смисла, освен Црното Море е и односот кон Македонија. Таа не може да има економско влијание во Србија, Турција, Грција или др. соседи, но може во Македонија, и место паметно да го искористи тој ресурс, тие се закопуваат се подлабоко во својата безидејност. Бугарија со потезите кои ги влече и блокирајќи не нас и Албанија, додека Украина и Моладавија добиваат кандидатски статус, имплицира теза дека таа е руска испостава на Балканот односно таа политика во моментов повеќе и одговара на Москва отколку на Брисел. Тоа е логичен заклучок во кој јас искрено не сакам да верувам.
Една од првите изјави на премиерот Ковачевски, во периодот кога ја презеде премиерската функција, беше дека историјата не може да биде единствена тема на разговормеѓу Бугарија и Македонија, односно дека треба да се разговара и за иднината преточена во инвестициски и инфраструктурни проекти, во економска и културна соработка. Колку според Вас, успеавме да се “најдеме’’ во овие полиња?
-Со премиерот Ковачевски бевме и сме на иста линија во однос на концептот како да се надмине овој спор, кој е едностран и неразбирлив за нас и поголемиот број на членки на ЕУ. Непрекинато лобирав и лобирам преку т.н економска дипломатија од позицијата претседател на македонско-бугарската стопанска комора да создадам атмосфера на доверба и прагматизам.Затоа и им се обратив на двајцата премиери преку отвореното писмо во пресрет на првата нивна средба, а тезата и тогаш,а и сега е да креираат силни економски врски, и само така ќе создадеме доверба помеѓу себе. И ние и Бугарија имаме потреба од повеќе економија и инвестиции, и тие и ние сме погодени од белата чума и миграцијата. Народот помеѓу себе ќе се релаксира и спријатели преку туризам, размена на студенти и други комуникации.
Но, Бугарија се заглави во тој историски неразбирлив наратив и ете гледаме до каде не донесе тоа. Од денешна преспектива формирањето на тие пет работни групи изгубија смисла бидејќи Бугарија се изгуби во внатрепартиски политички битки. Да смогневме сили еден автопат да изградевме и да го применевме делумно моделот на Отворен Балкан, размена на знаења, студенти и работна сила, ќе создадевме атмосфера и темели на нова генерација која немаше да биде толку обременета со историја. Прашувате колку успеавме да се најдеме? Па некаде успеавме некаде не, но кога големата слика никој не ја гледа, ирелевантно е да зборуваме за тоа во овој момент. Со кого да се најдеме и каде, кога во Бугарија, Петков и Радев не можат да се најдат, а и ние не сме многу поразлични во политичка смисла.
Сличен став и тогаш и сега, споделувате и Вие, посочувајчи дека единствениот и засега најлесен пат до решението меѓу Македонија и Бугарија е економијата.
-Економијата е најлесен пат до сите решенија. Европската Унија ако се сеќавате во оваа форма е создадена во минатото на принципите на Европска економска заедница, Маршаловиот план за обнова после втората светска војна и мн. други примери. Тргнете од себе и било кое семејство или фамилија. Кога се има економска и финансиска стабилност полесно може да се надминат сите недоразбирања. Мојата теза и тогаш и сега е фундаментот за градењето на повторна доверба да биде економијата, а не некаква комисија за историски прашања. Она што дополнително иритира е што Бугарија претходно никогаш не ги начна овие теми. Кога пристапувавме кон НАТО, Бугарија не ги кажа овие позиции сега. Погледнете и со признавањето на МПЦ ОА, Бугарија ја изгуби битката со Србија за стратешко пријателство.
Кусогледноста го направи своето. Ја почитувам Бугарија и бугарскиот народ, редовно комуницирам со младите бизнисмени од таму. И ние и тие се запрепастени од политичкиот врв на Бугарија кој со потезите веќе создаде еден амозитет помеѓу народите на двете држави. Запрепастени сме од воајерите во политиката, таму е Каракачанов од ВМРО, а кај нас најголемиот воајер во политиката Христијан Мицковски од ВМРО ДПМНЕ. Стојат на страна и само гледаат, ги уриваат позициите на државите, а зборат за единство и патриотизам. Тоа се преверзни патриоти, мазохисти во политиката, колку полошо за државата и политичкиот опонент, толку подобро за нив.
Дали има простор за проекти во области на енергетиката, особено ако ја имаме предвид целокупната криза на ова поле?
-Секако дека има простор, енергетиката е стратешка гранка во секоја економија. Ние сме поднебје со голем хидропотенцијал, сонце и ветер. Биогасните капацитети исто така се интересни. Гасните поврзувања, инвестиции во секоја чиста енергија е исплатлива инвестиција. Само треба добра политичка клима, добри кредити и секако интезивна комуникација и стратешки пристап.
Берлинскиот процес и заклучоците во него за овој дел во регионот се во оваа насока. Инвестиции во обновливи извори на енергија со многу достапни грантови и т.н зелени кредити.
Колкави се инвестициите на двете земји досега во текот на оваа година, а колкави беа во изминатата? Кои инвестиции недостасуваат и колкава е трговската размена со Бугарија?
-Трговската размена со Бугарија во 2021 изнесува околу 700 милиони евра, со раст околу 30% во споредба со 2020. Недостасуват инвестиции во т.н зелена агенда, обновливи извори на енергија, стратешки инвестиции кои генерираат висока додадена вредност, а тоа се инвестиции во технологии, ИТ индустрија и сл. Тука секако се и инвестициите кои сега се актуелни и сеуште атрактивни, а тоа се земјоделие, канабис, прехранбени и преработувачки капацитет итн. Секогаш може и подобро и поинтезивно. Реално сеуште немаме сериозно и модерно инфраструктурно поврзување со Бугарија. Се надевам дека интезивно и забрзано ќе се изгради Коридорот 8 и кај нас и кај нив. Проекциите за 2022 година се во завршна изработка и наскоро како Македонско-Бугарска стопанска комора ќе излеземе со официјални бројки кои ќе бидат индикатор во кој тренд се движиме во споредба со минатата година.
Во колава мера политичката криза може да и наштети на економијата, трговските односи и соработката? Има ли нетрпеливост во меѓусебните бизнис релации?
-Патот до одлични економски релации мора да биде поплочен со взаемна почит и доверба и добра политичка клима. Секоја политичка криза е тежок тег на вратот на економијата и и го витка рбетот. Политичката криза и дома или помеѓу соседите и ги врзува рацете на економијата и инвеститорите. Никој не размислува дека инвиститорите нема вечно да чекаат. Се поголема е конкуренцијата во привлекување на инвестиции во подрачја каде има мир, стабилност и предвидливост. Главниот фактор во секоја инвестиција е предвидливоста. Никој нема и не сака да инвестира во непредвидливи политички општества.
Да бидам искрен, инфалациските шокови, енергетските предизвици, нарушување на системот за снабдување, поскапувањето на дериватите и суровините, се индиции за многу тешка економска година, а кога имате и нерешен соседски спор, тогаш економските релации со Бугарија ќе бидат на нивото во кое сме и со политичките релации.
К.В.С.