Лажни денешните дојави за бомби, МВР ги заврши проверките

од Nikola Popovski

Сите денешни дојави за бомби во скопските средни училишта се покажале како лажни, покажала проверката на Министерството за внатрешни работи (МВР).

-Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека седум училишта на територија на Скопје добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, информираат од МВР.

Денеска беше осми ден како училиштата примија заканувачки мејлови, а учениците беа евакуирани. Првата дојава се случи истиот ден кога во посета на земјава беше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Сите дојави за бомби досега беше утврдено дека се лажни.

Засега нема индиции кои се можните сторители, иако полицијата и надлежните институции работат на откривање. Се претпоставува дека станува збор за хибридни закани.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера запрашан дали има симболика тоа што дојавите на бомби се случуваат само во среда, четврток и петок, рече дека не само што се случуваат во последните три дена во работната недела туку дека тие се случуваат кога наставата ја следи една иста смена со ист наставен кадар.

Слични содржини