Лазов: Штетите од град врз праските ќе остават последици и за догодина

од desk3
97 прегледи

Штетите од врнежите од град кои годинава три пати го зафатија росоманско, ќе остават последици врз родот и наредната година, истакна денеска градоначалникот на Росоман Стојанче Лазов.

grad_praski

Потсетувајќи на вкупната проценета штета само од последните градобијни врнежи која изнесува приближно еден милион евра, градоначалникот изрази жалење што последиците ќе се почувствуваат и следната сезона во најголемиот регион за производство на праски во Македонија.

-Прасковите насади кои беа погодени од градот, за жал ќе имаат послаб и понеквалитетен род. Овоштарите од подрачјата погодени од невремето исто така ќе имаат проблем да остават родни и здрави гранки за следната реколта, нагласи Лазов.

Тој додаде дека сепак станува збор за нешто што не зависи од луѓето ами од природата и дека земјоделството е фабрика под отворено небо. Изрази надеж дека во иднина градот нема да зема данок од плантажите со праски, во кои се произведува еден процент од светското производство на овој вид на овошје./МИА