Либерално-демократската партија (ЛДП) ја потврдува својата посветеност на европската иднина на Македонија, нагласувајќи дека ќе продолжи да се залага за напредок, стабилност и заштита на националните интереси.
Од партијата велат дека денешното признание од премиерот во Собранието, каде ЛДП беше истакната како една од ретките партии со вистинско и влијателно европско и меѓународно партнерство, претставува не само чест, туку и обврска.
„Како либералдемократи, отсекогаш сме се залагале за заштита на македонскиот јазик, идентитет, култура и традиција – но тоа го правиме преку конкретни постапки и политики, а не за дневнополитички поени. Ќе побараме итна средба со премиерот и неговиот тим за да добиеме целосен увид во стратегијата на Владата и да понудиме конструктивна поддршка во евроинтегративниот процес“, порачуваат од ЛДП.
Партијата смета дека политиката не треба да создава поделби меѓу граѓаните, туку да служи како алатка за заеднички напредок.
„Ќе продолжиме да се бориме за силни институции, почитување на европските вредности, еднаквост меѓу сите граѓани и економски развој. Сега е време сите политички и општествени чинители да се обединат околу стратешките интереси на државата“, истакнуваат од ЛДП.
Партијата апелира на разум, одговорност и национално единство во период кога Македонија се наоѓа на важна раскрсница од својот европски пат.