По вчерашната изјава на гувернерот на НБРМ за намалување и укинување на неоснованите банкарски трошоци по средбата со македонските банкари, Владата поддржа уште еден значаен предлог на Либерално-демократската партија (ЛДП), иницијативата за стратешко зајакнување на македонската одбранбена индустрија, согласно препораките на НАТО за зголемување на буџетите на земјите членки, соопштија утрово од опозициската партија.
Оттаму забележуваат дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во изјава на самитот на НАТО во Хаг, нагласи дека „кохерентноста и единството се нашата најсилна алатка за справување со заедничките закани и предизвици“ и апелираше за континуирана инвестиција во сопствените одбранбени капацитети – став што е во целосна согласност со повиците на ЛДП за обнова на домашното производство и воените капацитети, пред сѐ на фабриките за оружје во Прилеп и Самоков.
-Ова е петти предлог на ЛДП кој Владата само во изминатата година го препозна и прифати. Претходно, државните претставници ги прифатија и почнуваат да ги имплементираат обележувањето на службените возила за спречување на злоупотреби; воведувањето законска можност за граѓански референдум за отповикување на градоначалници; креативното толкување на заклучоците од ЕУ и одложеното дејство на уставните измени и намалувањето и укинување на банкарските провизии.
Со големи буџети, кои по последните препораки од НАТО за нивно зголемување, достигнуваат и до половина милијарда евра годишно, ЛДП во континуитет инсистира овие средства да бидат насочени кон домашен развој, работни места и технолошки напредок на одбранбената индустрија, порачуваат од ЛДП.
Во таа насока, упатуваат апел до Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, доколку веќе преземаат идеи, да ја преземат и реализираат и онаа за воведување на отворени листи и една изборна единица.
-Со тоа, граѓаните ќе добијат вистински претставници во институциите, кои ќе се борат за подобрување на нивниот живот, наместо партиски пиони. Како и досега, ЛДП останува посветена на нудење одговорни, конструктивни и реални решенија за подобар стандард на граѓаните и заедничко создавање на европска иднина на државата, стои во соопштението од ЛДП.