ЛДП демантира дека во партијата постои внатрешно незадоволство

од Nikola Popovski
78 прегледи

Либерално-демократската партија (ЛДП) ги демантира тврдењата објавени во медиумите, според кои постои внатрешно незадоволство во партијата поради наводно распуштање на одредени општински организации. Од партијата велат дека овие информации се целосно неосновани и претставуваат обид за манипулација со јавноста.

Според партијата на Моника Зајкова, оние што влегоа во ЛДП со цел да уживаат во бенефитите на власта, а потоа, за да ги зачуваат истите позиции, работеа против одлуките на партијата, сега, по пет месеци молк и криење, објавуваат соопштенија.

-Ова однесување на поединци е очекувано и предвидливо. Истите тие, кои беа на високи позиции во време кога ЛДП беше дел од власта, немаа никакви забелешки кон актуелното раководство во тој период. Но, интересно е што сега, кога партијата е во опозиција, истите не покажуваат ниту еден ден искуство во опозициското работење. Овие поединци се раководени со далечинско од надвор, и имаат за цел да го нарушат единството на партијата, но тие намери нема да успеат. Партијата потсети дека низ историјата заминале многу поголеми фигури исто така од лични и лукративни интереси, и сите знаат како завршиле, посочуваат од ЛДП.

Дел од медиумите објавија дека општинските организации на ЛДП во Аеродром, Прилеп, Кисела Вода и Центар се распуштени со одлука на раководството на ЛДП.

Во жалбата поднесена до Собранието и до ЦО на ЛДП, претседателите на општинските организации во Аеродром Андреј Крстевски, во Кисела Вода Томица Николовски, Прилеп Јане Станкоски и во Центар Александар Мишев, велат дека станува збор за самоволие и тврдат дека распуштањето е спротивно Статутот на партијата.

Слични содржини