ЛДП, ДС и ДОМ ќе излезат од Владата ако францускиот предлог биде прифатен

од Берта Китинска
230 прегледи

За ЛДП, Демократски сојуз и ДОМ францускиот предлог е неприфатлив. Трите партии најавија дека ако се прифати овој предлог, ќе излезат од влада. Раководството на ДОМ едногласно донесе став дека овој предлог е неприфатлив и владата треба да го отфрли.

Генералниот секретар на Демократскиот сојуз и заменик-министер за локална самоуправа, Зоран Димитровски, во вечерашното гостување во „Топ тема“ на Телма ТВ.

На прашањето дали ќе излезете од владата доколку тие не го го отфрлат предлогот, Димитровски одговори:

„Кратко речено да. Затоа реков го охрабрувам премиерот утре или кога ќе оди во Брисел да каже ’не‘ за овој предлог. Доколку каже да и доколу рамката помине и ја одржиме првата конференција со сликање, Демократскиот сојуз ќе ја напушти владата“.

И лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски, во „Топ тема“ најави дека доколку предлогот на францускиот предлог помине каков што е, тогаш и тие ќе излезат од владата.

Отворените прашања со Бугарија треба да се решаваат билатерално, и согласно европските вредности. ДОМ останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не смее да се преговара.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не верува дека премиерот Димитар Ковачевски во Брисел ќе каже „не“ на францускиот предлог бидејќи, како што рече, СДСМ и Владата биле запознаени со предлогот многу порано.

– Да не се лажеме дека предлогот не е претходно договорен. Овој предлог не можел да дојде до овде, до каде што е, доколку претходно не е преговарано за него, рече Мицкоски на вечерашното гостување на телевизија Алфа.

Според него, францускиот предлог не значи почеток на преговорите за земјава, туку следуваат други исполнувања на државата во однос на бугарските барања.

– Оваа преговарачка рамка што ни се нуди и која е дел од овој предлог, не е почеток на преговорите и тоа треба да им е јасно на граѓаните. Ова е почеток на преговорите за Албанија која нема вакви хегемонистички и идентитетски услови што треба да ги исполни. Ние не можеме да отвориме поглавја со овој предлог бидејќи треба дополнителни услови да исполниме, рече Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски по реакциите на јавноста се огласи за францускиот предлог. Тој потенцира дека Владата формално нема добиено предлог кој е усогласен на ниво на сите 27 земји членки.

-Каков и да биде конечниот усогласен текст на францускиот предлог, посочувам дека, за истиот да биде прифатлив за нас, клучни се следниве елементи:

Чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет;

Историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка;

Преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот;

Цврсти гаранции и од Бугарија и од Европската Унија дека Бугарија нема да условува со нови барања, надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол кој сѐ уште не е усогласен со Бугарија;

Секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Слични содржини