ЛДП: Идентитетот не се гради со уривање на заштитеното културно наследство

Либерално-демократската партија го осудува случајот со уривањето на спомен-куќата на Владо Малески во неговата родна Струга

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Фејсбук

Либерално-демократската партија го осудува случајот со уривањето на спомен-куќата на Владо Малески во неговата родна Струга. Ова најдобро ја отсликува „грижата“ за културното наследство, кое е оставено на милост и немилост од страна на локалните шерифи.

-Малески е дел од НОБ, важи за еден од најпознатите македонски творци, воедно е и автор на нашата химна „Денес над Македонија“ и е важен дел од македонското современо творештво, потенцираат од партијата.

ЛДП од надлежните институции бара брза и ефикасна истрага за тоа која е причината и како дошло до уривање на цел еден ѕид од куќа, кој го издал одобрението за градба и кој ги контролирал работите на терен.

-Воедно, бидејќи се работи за сквернавење на заштитен споменик на културата, прогласен за културно наследство, бараме сторителот на делото да сноси и кривична одговорност и да послужи за пример на сите оние кои во иднина ќе помислат да сквернават заштитено културно наследство, стои во партиското соопштение.

Од Заводот за заштита на спомениците и културата и Музеј – Охрид информираат дека вчера лица од нивната институција направиле увид на терен и констатирале дека рушењето на дел од спомен-куќата на Владо Малески било предизвикано од градежни работи, кои се вршеле на соседниот објект, на кој се интервенирало со градежна дозвола. Од страна на НУ Завод и музеј Охрид е изготвен Записник кој ќе се достави до Управата за заштита на културно наследство во Скопје, по што ќе треба да се изготви проект за реконструкција на оштетениот дел од градбата. Во меѓувреме, инвестирот на градежните работи на соседниот објект ќе треба да ја обезбеди локацијата за да не дојде до понатамошно оштетување на спомен-куќата на Владо Малески.

Слични содржини