Иако сè уште сме пролет, извесно е дека пред нас е жешко политичко лето, а секако и жешка политичка есен. Причината за ова е што годинава имаме локални избори, кои ќе бидат тест и за власта и за опозицијата. Дел од партиите почнаа со објавување на кандидатите, а дел од нив се уште прават анкети за да го опипаат пулсот на граѓаните.
Од ЛДП во изјава за „Локално“ порачаа дека се подготвуваaт со полн капацитет за претстојните локални избори.
-Во моментов работиме во полна пареа некои општини веќе ја завршија постапката за евидентирање на кандидати, како и конкретна изборна програма со која ќе излеземе пред граѓаните. ЛДП отсекогаш била препознатлива по автентични идеи и прогресивни политики – нешто на што сме особено горди. Една од клучните програмски понуди што ќе ја промовираме е иницијативата за воведување на т.н. „туристички општини“ – концепт налик на индустриските зони, кој ќе овозможи економски развој преку стимулирање на туризмот. Предлагаме одредени региони како Охрид, Крушево, Дојран, Гевгелија, Струга, Маврово и Ростуше да добијат посебен законски статус кој ќе овозможи подобра урбанистичка регулација, локални вработувања, доделување лиценци и целокупно поефикасно управување. Со тоа, би се отвориле нови можности за привлекување туристи, зголемување на приходите и заштита на локалната култура и природа. Предвидуваме и посебна буџетска линија од државниот Буџет наменета исклучиво за развој на овие туристички општини, порача Бобан Јанкоски, член на Извршниот одбор на ЛДП.
Како што посочуваат под водството на претседателката Моника Зајкова, ЛДП се трансформира во модерна либерално-демократска партија која нуди издржани и реални решенија – и тоа ќе се рефлектира и во нашите настапи на локално ниво.
ЛДП потврдува дека планира да настапи со свои кандидати за градоначалници, како и советнички листи низ повеќе општини. Засега не откриваат имиња. Во тек е дефинирање на внатрепартискиот механизам за евидентирање и селекција на кандидати, согласно новиот правилник кој е во изработка.
-Имињата ќе бидат внимателно одбрани, со фокус на капацитет, интегритет и локална поврзаност. ЛДП е партија со докажана традиција на квалитетни кадри на локално ниво. Без разлика дали зборуваме за Ристо Пенов, Стевче Јакимовски или Андреј Жерновски – секогаш сме знаеле да понудиме луѓе кои оставаат резултати. Сега, со новата генерација и новата енергија, ќе понудиме кадарски и програмски силни решенија. Убедени сме дека со вистинските луѓе и со фокусирани, применливи политики, ЛДП има реална шанса да оствари забележителен резултат на локалните избори, додава Јанкоски.
Територијалната организација на републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон. Локалната самоуправа во Македонија е организирана во 80 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот.
Локалните избори се одржуваат секоја четврта година, истовремено во сите 80 општини и во градот Скопје. Првите локални избори по осамостојувањето во 1991 година, одржани се во 1996, и потоа во 2000, 2005, 2009, 2013, 2017, а последните беа во 2021 година.
Изборите ги распишува претседателот на Собранието со донесување акт што се објавува во Службен весник. Изборите се одржуваат најрано 70, а најдоцна 90 дена од денот на распишување на изборите.
Н.П.