ЛДП повторно ја активира идејата за враќање на мерката Викенд без ДДВ

од Vladimir Zorba
22 прегледи

ЛДП повторно ја активира идејата за враќање на мерката Викенд без ДДВ, како мерка која можe да ја покренe економијата и да даде значителен инпут во подобрувањето на македонската економија.

„Потсетуваме, Викенд без ДДВ е предлог на ЛДП вметнат во партиската програма уште во 2012-та година и беше мерка од претходната влада која додека беше активна, покажа добри резултати. Предлагаме новиот Викенд без ДДВ да има две варијанти. Првата – да се воведе на ниво на целата држава и втората, да се воведе во одделни градови за определени денови, значајни за конкретниот град (викенди, пазарни денови, локални празници итн)”, изјавува Љубен Аврамовски, портпарол на ЛДП и потпретседател на Либерално-демократската младина (ЛиДеМ).

ЛДП бара мерката Викенд без ДДВ да се воведе пред почетокот на школската година, но и пред Велигден, на цела територија на државата.

„Со повторното воведување на оваа мерка граѓаните добиваат поевтини цени, трговците добиваат поголем викенд промет, производите ќе бидат поевтини од 5 до 18 %, а целата економија се освежува и добива нов импулс. Намалените државни приходи ќе бидат незначителни во споредба со ефектот кој ќе се постигне од зголемената потрошувачка и кој неколкукратно ќе биде надоместен”, посочува Аврамовски.

Аврамовски предлага одредени градови за одредени празници, за време на кои имаат голема посетеност и голем број на туристи однадвор, треба да воведат вакви викенди со цел да се зголеми туристичката понуда и да се привлечат поголем број на гости.

„На пример, Охрид би го добил својот викенд за време на Водици, Берово за време на Богородица, Прилеп за Пиво фест-от, Велес за пастрмајлијадата, Струмица за време на карневалот и така натаму”, вели Аврамовски и упатува апел до сите за отворена дебата за оваа предлог мерка и нејзината имплементација.

Аврамовски додава дека во ЛДП се убедени во корисноста на мерката и веруваат дека ефектот кој ќе го има значително ќе се одрази како на целокупната, така и на локалните градски економии.

Слични содржини