Во 2024 година, Македонија доби владеачка гарнитура, а до крајот на 2025 година ќе добие и различна локална власт. Градоначалниците на 80 општини и Градот Скопје започнаа да ги „трчаат“ последните месеци од мандатот. Поголем дел од партиите, но и поединци, меѓу нив и актуелни градоначалници, и покрај завршувањето на парламентарните избори, не ја запреа кампањата и постојано се присутни, како на традиционалните медиуми, така и на социјалните мрежи.
„Теренот“ е постојано актуелен. Во процес се анализите и се „крчаат“ внатрепартиските анкети, со цел секоја партија да ја избере најповолната опција. Во обид да дознаеме какви се плановите на дел од партиите, поставивме прашања до опозициската Либерално-демократската партија и нивните размислувања околу изборите. Оттаму за „Локално“ соопштија дека редовно прават анализи и засилено се подготвуваат за настап на претстојните локални избори.
-Во постојана комуникација сме со граѓаните и тие од нас очекуваат решенија на проблемите и наша цел и обврска е да им ги испорачаме. На последната седница на Централниот одбор на партијата го донесовме Правилникот за критериумите и постапката за утврдување, евидентирање и верификување на кандидатски листи за градоначалници и советници на локалните избори, со што јасно ги дефиниравме условите кои треба да ги исполнуваат нашите кандидати. Во моментов, ЛДП настапува независно и ги поддржува сите проекти и програмски решенија кои се од корист и во интерес на граѓаните, нагласи Бобан Јанкоски, член на Извршниот одбор на ЛДП.

Бобан Јанкоски
На прашањето дали можеби ЛДП ќе трча со свој кандидат за градоначалник на Скопје, Јанкоски информира дека во моментов сѐ уште се разгледуваат сите опции кои ги имаат пред нив и на крајот, во консултација со членството и граѓаните, ќе ги објават кога ќе бидат дефинитивни.
-Општинските организации и членството на ЛДП по извршените консултации ќе предложат кандидати, а потоа телата на партијата ќе одлучат за крајниот исход, објасни членот на ИО на партијата.
Јанкоски го прашавме и што ќе биде во фокус и таргет на нивната програмa, односно што ќе понудат и за што би се заложиле во предизборната кампања. Според него, ЛДП отсекогаш била позната по квалитетните локални кадровски решенија, но и по своите политики.
-Од ЛДП произлегле многу влијателни градоначалници и советници, тука би ги напоменал Ристо Пенов, Зоран Шапуриќ, Никола Пановски кој е актуелен советник во Град Скопје, Ѓорѓе Марјановиќ кој исто така беше советник од ЛДП во Град Скопје, но и многу други, луѓе кои оставиле белег како во политичкиот, така и во општествениот живот. Програмите за настап на локалните избори се сѐ уште дел на обработка и уште сме во фаза на консултации и собирање на предлози кои би ги вметнале во изборните програми, истакнуваат од партијата.
Во нашиот фокус како и досега, додава Јанкоски, ќе биде олеснувањето на секојдневниот живот на граѓаните и нивната добросостојба, вклучително и локалниот економски развој.
-Во моментов работиме на враќање на мерката Викенд без ДДВ, со која ќе ја стимулираме локалната економија, воведувањето на тн „туристички општини“, кои ќе бидат под посебен „туристички“ закон. Тука сакам да ги напоменам и нашите заложби за поздрава и почиста животна средина со поставување на фотоволтаици на покривите на јавните установи, но и други мерки, со кои ќе им го олесниме секојдневниот живот на жителите, информираат од ЛДП.
Од останатите партии, на големо веќе се пишува дека како кандидати за нов „градски татко“ на Скопје, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да „пресече“ меѓу градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Од Левица засега не лиферуваат со имиња, додека од СДСМ во јавноста се споменуваше со неколку имиња, меѓу кое и екс-директорот на Скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски. Тој во изјава за „Локално“ порача дека имињата на кандидатите за градоначалник од редовите на „Бихаќка“ треба да бидат познати до средината на април. Според него, фокусот на идниот кандидат за градоначалник на главниот град треба да биде целосната деполитизација на градската администрација, но и креирањето програми за младите, кои треба да добијат поголем простор во локалната власт.
Вториот круг на локалните избори е предвидено да се одржи 2 недели после првиот круг. Можни датуми за локалните избори се 19 или 26 октомври 2025. Загадувањето на воздухот, автобускиот или јавниот превоз, зеленилото, убавите и прегледни улици, канализацијата, чистотата, состојбата во училиштата, градинките, урбанизацијата, би требало да бидат главните прашања на овие избори.
Н.П.