ЛДП дејствува независно, изјави денеска претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова. Таа беше запрашан дали партијата и понатаму е дел од заедничката коалиција со СДСМ.
-Преку поднесените закони и преку стенограмите од одредени гласања, ќе видите дека ЛДП дејствува независно, бранејќи ја својата либералнодемократска политика.
Во однос на состојбите во партијата, имаше некаква квази-иницијатива, која прво беше доставено до медиумите, наместо согласно Статутот до Централниот одбор. ЦО заседаваше по однос на иницијативата и таа доби нула гласови поддршка, рече Зајкова на прес-конференција во Собранието.
На прашањето колкави шанси во иднина да се придружат на владеачкото мнозинство, пратеничката вели дека моментално партијата е фокусирана на предлози за граѓаните, а не дали ќе настапува во одредено мнозинство.
-Кога партијата би добила било каква понуда, пред се би разговарала во рамките на телата и органите на партијата и би ја известила јавноста, додаде Зајкова.
Стотина луѓе од Иницијативниот одбор за свикување вонредно Собрание на партија пред десетина дена се собраа на состанок во Големата сала на Општина Кисела Вода. Велат дека претставуваат големо мнозинство од две третини од општинските организации. Тогаш Зајкова од партиското седиште одговори дека се работи за анонимни поединци загрижени од губењето на државните функции и исплашени од „одредени истраги“. Вели дека иницијаторите немаат никакво мнозинство и одработуваат за туѓи интереси. ЛДП во Собранието настапува самостојно, но рано е за одлука дали на локалните избори ќе одиме сами или во коалиција со некого, вели таа.
-Уставни измени со одложено дејство се добра и можна опција што треба да се искористи за откочување на еу интеграција, рече неодамна Зајкова.
Според неа, во заклучоците на Европскиот совет за почеток на преговорите со Македонија никаде не е зададена обврска на земјава кога уставните измени да стапат во сила. Со ваквите ставови Зајкова се доближува со ставовите на премиерот Христијан Мицкоски.