Леброн: Во име на сите во кошарката, можам да кажам дека никој не се грижи што мисли Трамп

од Vladimir Zorba

Доналд Трамп и Леброн Џејмс постојано се критикуваа меѓусебно преку изјавите на социјалните медиуми или медиумите. Масовното клекнување на играчите во знак на поддршка на движењето „Black Lives Matter“ во пресрет на секој натпревар од повторното започнување на сезоната во НБА лигата во „Дизни Светот“, беше нова причина американскиот претседател да се огласи на темата кошарка.

За време на телефонскиот разговор за Фокс и пријателите, Трамп го коментираше трендот.

„Срамно е. Работевме напорно со НБА-лигата во обидот да се отвори. Јас ја охрабрив да се отвори. И, тогаш гледам дека сите клекнуваат за време на химната. За мене е неприфатливо. Кога ги гледам како клекнуваат, јас го гасам натпреварот. Тоа не ме интересира и ќе ви кажам дека многумина други мислат така“, рече Трамп и додаде: „Рејтингот на кошарката значително се намали, и слушам дека е исто со другите спортови како бејзболот. Мораме да застанеме за нашето знаме, да застанеме за нашата земја. Многу луѓе се согласуваат со мене. Ако грешам, ќе ги загубам следните избори. И тоа е во во ред, но јас секогаш ќе стојам за нашето знаме“, рече Трамп.

Сепак, статистиката не се согласува со него. Првиот натпревар од продолжението на сезоната привлече двојно повеќе гледачи од просекот на сезоната, а гледаноста на сите дуели во Орландо беше во просек 14% поголема, пренесува ТНТ.

Уште пред да продолжи НБА лигата во Орландо, Трамп твитна во ист тон и најави дека нема да гледа натпревари доколку гледа дека играчи клекнуваат за време на химната, а реакцијата на целиот НБА свет на тоа може да се сумира со два збора: Кој се грижи?

Сега, Леброн, познат и како најзафатениот активист меѓу играчите во НБА, конечно реагираше на зборовите на Трамп. По синоќешниот пораз на Л.А. Лејкерс со 105-86 на Оклахома Сити, Џејмс беше замолен да го коментира говорот на претседателот.

„Мислам дека никој во кошаркарската заедница не е навистина тажен затоа што го изгубивме како гледач. Тоа е сè што ќе кажам. Јас нема да навлегувам во тоа премногу длабоко бидејќи знаеме каде може да води. Но, мислам дека кошарката е во прекрасна позиција, имаме фанови низ целиот свет и тие не само што сакаат да не гледаат како играме, туку и тие го почитуваат она што се обидуваме да го направиме и дека разликуваме добро од лошо“, рече Џејмс, заклучувајќи: „Кошарката ќе се игра и без тој да ја гледа и можам да кажам во име на сите нас во кошарката дека воопшто не ни е гајле“.

Слични содржини