Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков денеска на прес-конференција соопшти дека поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска со службената картичка во Виена за четири ноќи изнајмила трособен стан со поглед на градскиот парк од 1200 евра.
– Бисера не би била вистинска Антоанета, ако своите манири за раскош и луксуз не ги манифестирала во Виена, родното место на историската Антоанета. Бисера Антоанета дословно се потрудила да потсеќа на историскиот оригинал и за само четири дена во Виена потрошила 3061 евра народни пари, за луксуз и раскош. Од 07 декември 2023 година до 11 декември 2023 година, Бисера Антоанета сама престојувала во Виена, со неа немало придружба од Министерството за култура или владата, изјави Лефков, кој додаде дека нејасна е и целта на патувањето.
Наместо да изнајми хотелска соба, како што рече, таа со службената картичка со народни пари изнајмила трособен стан од 70 метри квадратни во центарот на Виена веднаш до Палата Кобург, Виенската Опера, најелитните хотели и седиштето на ОПЕК. Стан од 70 метри квадратни е стан во кој во Македонија живеат четиричлени семејства.
– Во Виена Бисера Антоанета си го приуштила тоа задоволство сама на себе. За само четири ноќи Бисера Антоанета платила 1213 евра или 74.599 илјади денари за трособниот стан. И тоа кога во непосредна близина каде што била сместена има елитни хотели каде ноќевање со доручек чини 9000 денари, а хотел со нормални карактеристики може да се најде и за 6000 денари. Која била потребата на Бисера Антоанета да изнајми трособен стан за 1200 евра за четири ноќи во Виена со поглед на Виенскиот парк? Бисера Антоанета уживала четири ноќи во трособен стан со поглед на Виенскиот парк, рече Лефков.
За да отпатува во Виена, како што рече, Бисера Антоанета си купила повратна авионска карта од Охрид до Виена за 385 евра кои ги платила првo приватно, а потоа од Министерството за култура ги подигнала парите во кеш, како репрезентација.
– Не јасно е што правела Антоанета во Виена четири 4 дена? Која била потребата од ова патување и зошто наместо луксузен трособен стан не изнајмила хотелска соба која е и до четири пати поевтина? Антоанета очекуваме одговори. А за твоите прошетки низ Виена и како си трошела народни пари продолжуваме утре, најави Лефков.