Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков излезе со нови сознанија за бизнисите на премиерот Димитар Ковачевски и фирмата Пиксел груп чиј основач бил пред да ја преземе премиерската функција. Според опозициската партија „соларниот картел е создаден преку исклучителна трговија со влијание со злоупотреба на државни позиции и функции“.
-Сомневањата се дека Ковачевски и кумот формирале приватна фирма за производство на фотоволтаици за да продаваат на државната ТЕЦ Осломеј. Односно, Кумот и Ковачевски формираат компанија, а државата обезбедува милионски бизнис, тврди Лефков.
Тој ги објаснува и чекорите кои ги направиле со приватната фирма:
-Осум месеци по седнувањето на Ковачевски на премиерското столче, на 24.08.2022 година, од него основаната Пиксел груп основа фирма за изградба на фабрика за фотоволтаични панели во ТИРЗ Тетово заедно со бугарската фирма АЕ Солар Хорајзон од Софија, под името АЕ Солар АД Тетово. АЕ Солар АД Тетово, според написите во медиумите е инвестиција во висина од 54 милиони евра. Во неа уделот на фирмата основана од Ковачевски е 40%, делот кој таа според ова ќе го инвестира во фабриката е 21.6 милиони евра. За извршен член на одборот на директори е именуван кумот на Ковачевски, Горанчо Паунов, а за неизвршен член на одборот на директори, Мирјана Паунова, негова сопруга, кума на Ковачевски. Дури и бугарската фирма партнер на соларниот картел е формирана откако Ковачевски станува премиер во Македонија, информира Лефков.
Тој нагласи дека компанијата партнер на Пиксел Груп – Солар Хорајзон АД Софија е формирана на 24.03.2022 година, речиси 4 месеци по назначувањето на Ковачевски за премиер со 15 илјади лева основачки капитал.
Од партијата која ја обелодени оваа афера прашуваат дали бугарската фирма партнер е основана практично само за партнерство со Пиксел груп и колку тоа ќе ја чини ова Македонија?
-Владата треба да потпише и договор за државна помош со фирмата во која Пиксел груп, формирана од Ковачевски е 40% сопственик. Имено доколку АЕ Солар АД Тетово, добие државна помош тоа ќе значи дека премиерот Ковачевски потпишува државна помош за фирма во сопственост на фирма основана од него, а застапувана од неговиот кум. Ова не е прв пат кога фирмата основана од Ковачевски зема државна помош. Пиксел груп има 8 исплати од државата од 2019 година до 2021 година, 8 исплати од државата, а за половина од тоа време Ковачевски е заменик министер за финансии. Во овие 8 исплати исплатени се вкупно 443 илјади евра, а во периодот од 2020 до 2021 година исплати се вршени и од Фондот за иновации во вредност од 70 илјади евра, и тоа е исто така време во кое Ковачевски е заменик министер за финансии. Во дел од овие исплати Ковачевски веќе е мандатар за состав на новата Влада, тврди Лефков.