Легализација на канабис: Производителите се жалат дека се заглавени, бараат формирање Регулаторна комисија

од Берта Китинска
556 прегледи

Владата уште летово го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во кој се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот Парламент и на Европскиот Совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции. Со него предвидено е целосна легализација на користењето канабис за лични потреби и формирање посебна Агенција која ќе го контролира одгледувањето на медицински канабис, а фирмите што ќе се занимaваат со оваа дејност секоја година ќе ѝ плаќаат на државата по 10% од добивката.

Сепак предлог-законот е заглавен во собраниска процедура, поради блокадите на опозицијата. Производителите бараат што поскоро усвојување во Собранието и сметаат дека, ако зборуваме за производството, тој ја олеснува индустријата.

– Меѓутоа дали треба да бидат вклучени и пациентите, тоа зависи од министерот. Него му е дадено тоа по закон, тој треба да донесе правилници. Предлог законот е одличен, а за пациентите е регулирано со правилник. И сега може министерот да го смени правилникот за поширка примена на пациент, но ајде нека го примени. Сум прашувал многу пати зошто да не се смени за аутничните деца, зошто не за овие со проблеми со спиење? Не ја гледам причината зошто не ја прошириме листата. Тоа е регулирано врз основа на законот, а правилникот го има пропишано министерот. Не можам да сфатам, вели во изјава за „Локално“, претседателот на здружението на производители на канабис за медицински цели „Макканабис“, Костадин Дуковски.

Според него, Законот за опојни дроги реално заслужува да се носи со европско знаменце.

-Гледаме што се случува во Европа со законот. Ако гледаме дека носител е тоа, а и во Конвенцијата што сме ја потпишале пишува дека треба да се формира Агенција. Аналогно на тоа мораме да донесеме Регулаторно тело. Исто како Законот за енергетика, мораш да имаш Регулаторна комисија затоа што ќе ти ја регулира правилата и како Агенцијата за лекови, иако таа ја нема улогата на регулаторно тело. Им дозволува се и затоа фармацевтите се најбогати фирми. Тоа е причината, смета Дуковски.

Околу формирањето посебна Агенција која ќе го контролира одгледувањето на медицински канабис, Дуковски смета дека во неа треба да има широка примена на профил на луѓе.

-Треба да има и фармацевти, економисти, правници, од сите сектори, затоа што треба да собираат и податоци и евалуација за меѓународна соработка, мора да се прават повеќе билатерални договори, каде што ќе можеме директно да извезуваме. Министерот за здравство не може, каде тој попрво да се занимава со такви работи. Од тие работи директорот на таа агенција треба да ги застапува и нашите права, но и правата на пациентите. Тогаш правилникот ќе го пропише директорот на агенцијата, нема да се молиме со министерот. Министерот е малку покомплексен, а кога ќе биде агенција, која ќе се занимава и со пациенти што ќе конзумираат канабис и со производителите. Тоа реално го поздравувам и апелирам што побрзо да помине во Собрание. Тогаш ќе се даде можност за многу правилници да се донесат. Вака Законот ни е ограничен. Не ни дозволува многу, не не упатува многу на министерот да ги донесе тие правилници. Ако помине Законот, само да се доформулираат членовите со правилници и ќе биде чиста работа, вели претседателот на „Макканабис“.

Дуковски смета дека како држава треба да бидеме повеќе прагматични околу Законот за канабис.

– Ти ако отидеш кај еден државен службеник, тој ќе ти рече чекај тоа не ми е законски. Најди начин како да го регулираш. Најлесно е да ми кажеш не е според закон. Пет години со индустријава сите седиме и дремеме и никој ништо не прави. Ако е лош законот, мора да се промени нешто. Фрустриран сум од нашата администрација. Треба да се спроведуваат информациите од Владата. За жал, немаме администрација што знае да се носи со тоа. Тој гледа само како да го помине денот, потенцира Дуковски.

Во однос на Малта, која стана прва земја во ЕУ која легализираше одгледување и лична употреба на канабис, соговорникот вели дека иако е многу помала држава од нас, државата сите ги изненади со носењето на законот.

-Преку ноќ го направи, без многу помпа, а ние го зборуваме пет години и ништо не правиме. И Грција ме изненади. Една информација и веднаш спроведе. Лош е законот, ама реагираат брзо и го подобрија. Во Србија еве имаш на слободен пазар индустриски цвет се продава. Одам во Агенцијата за храна и викам зошто не ја спроведете Повелбата на ЕУ, имате Акт, во кој викате дека се согласувате со европските власти. Кој е поголем закон, нашиов или тој на ЕУ? Сме ја потпишале и верификувале со бадентерово мнозинство, а не можеш ти со просто мнозинство, законот да биде посилен од Конвенцијата. Немаме стручни лица кои што стручно ќе му објаснат на министерот, државниот секретар и заменик-министерот. Јас се борам со институциите. Ми викаат во право си, знам дека сум, но вие што правите, истакна Дуковски во изјава за „Локално“ и додава дека сите фирми што имаат лиценци од владата за одгледување канабис за медицински цели се заглавени.

– И да финансираме проекти, и да поддржуваме општествена одговорност, од што да финансираме. Јас сум прв да си ја финансирам општината, проекти на општината, но немам можности како да се средам, а не за нешто повеќе, истакна претседателот на „Макканабис“.

Н.П.

Слични содржини