Легенда на Ливерпул: Халанд тешко ќе го подигне нивото на Сити

од Vladimir Zorba

Поранешниот дефанзивец на Ливерпул и актуелен популарен аналитичар во Премиер лигата, Џејми Карагер не мисли дека Манчестер Сити ќе стане многу посилен со привлекувањето на Ерлинг Халанд. Вчера англискиот шампион и официјално го објави трансферот на напаѓачот на Борусија Дортмунд. Според поранешниот англиски репрезентативец, „граѓаните“ и во моментов се доволно добри.

„Секако, Сити ќе биде подобар, но јас гледам на работите поинаку. Има толку многу поени за освојување во текот на сезоната. А Халанд нема да го однесе тимот на многу повисоко ниво, затоа што тимот на Гвардиола се уште е на многу високо ниво и освојува 96 поени по сезона“, изјави Карагер за Sky Sports.

„Ќе видиме мала разлика на одредени натпревари“, додаде Карагер. „Се сеќаваме на поразот на Сити од Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите. Да беше Халанд на теренот на овој натпревар, ќе очекувавме тимот да оди напред. Зборувам за правењето разлика“.

„Нема начин Сити да направи голем скок, бидејќи веќе е на највисоко ниво. Во однос на истрајноста, Манчестер Сити е веројатно најсилниот тим во Европа во последните 3-4 години. Едноставно сега треба да се прави разликата на големи натпревари како оној против Реал Мадрид“, заклучи Карагер.

Слични содржини