Голем број на љубители на кошарката се повеќе го критикуваат бројот на обиди за три поени за време на натпреварите во НБА. Се потенцира дека се помалку се игра преку наместени акции и дека кошарката е сведена на минување на центарот и стигнување до линијата за три поени од која играчите се креваат и постигнуваат кош.
Бостон Селтикс води во лигата во тој сегмент со просечни 48,3 вакви шутеви по натпревар. Тие уфрлаат во просек по 17,9 (37 проценти). Тимот кој најмалку го користи ова „оружје“ е Денвер. Играчите на Нагетс имаат 31,8 обиди за три поени по натпревар и во просек реализираат 12,2 од нив со 38,2 проценти.
Некогаш еден од најдобрите НБА играчи, подоцна тренер, а сега аналитичар Ајзеа Томас ја критикуваше ваквата игра. Целата кариера (1981-1994) ја помина играјќи за Детроит Пистонс, со кој двапати беше шампион. Играчот, кој е вброен меѓу 50-те најдобри НБА кошаркари на сите времиња, одигра речиси 1.000 натпревари со просечни 19,2 поени и 9,3 асистенции.
„Има едно нешто што би сакал да сменам во НБА. Сите зборуваат за шутот за три поени. Сите играчи денес со топката стигнуваат до линијата за три поени и шутираат. НБА е шутерска лига и имаме повеќе промашувања отколку удари. Тоа не е добро“, рече Томас и додаде:
„Луѓето велат дека трите поени вредат повеќе од два. Тоа е точно, но кога гледате професионалци, сакате да видите како ја фрлаат топката, а не како промашуваат. И тоа се случува во нашата игра. Има повеќе промашувања отколку удари и тоа влијае на изгледот на играта“, продолжи тој и заклучи:
„Би поставил минимум и максимум обиди за три поени по натпревар. Максимум околу 25-30, минимум околу 10-15. Тренерите одлучуваа кога ќе шутираат. Сериозно би размислил за тоа. Порано лигата беше поинтересна“.