Легендарен фудбалер беше шампион на Англија, а сега станува професионален тенисер

од Nikola Popovski

Познатиот уругвајски фудбалер Диего Форлан би требало да заигра тенис на ИТФ турнир во јуни. Јужноамериканските медиуми пренесуваат дека Диего, кој од детството има страст за „белиот спорт“ е пријавен за турнирот во Лима.

Турнирот е закажан за средината на јуни и ќе трае од 15 до 22, а ќе се игра на земјена подлога.

MT1000 е еден од 30-те турнири од ваков вид во светот, а Форлан ќе биде само еден од оние кои ќе учествуваат на 17-тото издание на турнирот наменет за играчи на возраст од 30 до 85 години.

Форлан е на 916. место на ИТФ рангирањето во поединечна конкуренција, додека екипно е на 560. место. Диего спортската кариера ја направи во фудбалот, но од осум до 16 години беше член и на тенискиот клуб Караско во Монтевидео.

Љубовта кон тенисот никогаш не ја заборави, при што играше рекреативно и во текот на фудбалската кариера, па оттаму зборуваше за играњето против Руд ван Нистелрој додека двајцата беа заедно во Манчестер Јунајтед.

„Ван Нистелрој ме предизвика да играме, но не знаеше дека не сум почетник. Атмосферата беше таква што менаџерот и директорите дојдоа да гледаат. Сер Алекс рече дека знаел дека сум играл порано и ставил пари на мене. Го добив мечот, а и Алекс си зема пари“, изјави Форлан, кој со Јунајтед беше шампион на Англија на почетокот на 2000-тите.

Во текот на својата кариера, 44-годишниот играч играше за Индепендиенте, Манчестер Јунајтед, Виљареал, Атлетико Мадрид, Интер, Интер, Серезо Осака, Пењарол, Мумбаи и Кичи.

Најзапаметен е по неговиот придонес за репрезентацијата на Светското првенство во Јужна Африка кога Уругвај стигна до полуфиналето, а Форлан беше прогласен за најдобар играч на Мундијалот.

Слични содржини