Синоќа  беше отворено овогодинешното издание на ОФФест во Македонскиот културен центар, со концертите на пост-рок составот „Јамбинаи“ од Јужна Кореа и на Басеку Кујате, мајсторот на традиционалниот инструмент „нгони“, и неговиот еклектичен состав „Нгони Ба“.home_boubacar-1-735x360

 

Вечерва пак, во Киното Фросина, ќе настапи блуз-гитаристот Бубакар Траоре од Мали.

Траоре, популарно наречен Кар Кар, е еден од последните големи изведувачи кои својата кариера ја почнале во раните денови на независноста на Мали. Неговата музика, инспирирана од локалниот традиционален стил „касонке“ и од блузот, во тоа време, шеесеттите години, била постојано емитувана на радио станиците, поради што станал и национална фигура. Неговиот фолк зачинет со блуз, уникатен, емотивен и неповторлив гитарски стил, како и поезијата која преовладува во неговите песни, созреаја во текот на годините.

„Мбалимаоу“ е неговиот најнов албум снимен во Бамако, каде што живее и работи. Објавен е во февруари годинава, а изобилува, како што велат критичарите, со нежен свинг, поезија и грациозност.

Пред концертот ќе биде прикажан документарниот филм „Ќе пејам за тебе” на режисерот Жак Сарасин.

ОФФест продолжува утре со португалската фадо-уметница Лула Пена и кантавторката Хинди Зара, по потекло Мароканка. Картите за концертот се веќе комплетно распродадени.

Програмата на годинашното 14-то издание на Офф-Фест е распоредена во пет богати фестивалски вечери на кои ќе настапат седум музички групи и изведувачи од три светски континенти. Офф-Фест, кој во организација на Скопскиот џез фестивал ќе ги пренесе звуците и магијата на Мали, Мароко, Јужна Кореја, Португалија и Македонија.

Слични содржини