Легендата Модриќ си заминува од Реал, но клубот сака да го задржи засекогаш

од Марта Пешевска
33 прегледи

Вчерашниот ден беше еден од најпосебните во историјата на Реал Мадрид. Натпреварот и победата против Реал Сосиедад во последното коло од Ла Лига немаа големо спортско значење за табелата, но „Сантијаго Бернабеу“ беше исполнет со солзи и силни емоции. Карло Анчелоти, Лукас Васкез и капитенот Лука Модриќ се збогуваа со клубот по долгите години заедничка приказна.

Лука Модриќ, најтрофејниот играч во историјата на Реал, ќе учествува на Светското клупско првенство, а потоа ќе го напушти клубот по 13 години верна служба. Претседателот на Реал, Флорентино Перез, вчера не можеше да ги сокрие емоциите и со солзи ги гледаше збогувањата. Според шпанскиот медиум „Дефенса Централ“, Перез му понудил на Модриќ можност да се врати во клубот по крајот на играчката кариера, со различни улоги – како тренер на младинскиот тим, амбасадор или во некоја директорска позиција.

Лука може да се врати кога сака и да избере која од понудените функции му одговара. Модриќ бил пресреќен од оваа понуда, што е доказ за тоа колку е ценет и сакан во Реал. Хрватскиот фудбалер сака да остане дел од Реал и по пензионирањето, бидејќи го сака Мадрид, градот каде што пораснаа неговите деца. Клубот му е како дом, а тој верува дека може многу да придонесе и во новата улога. „Не сака целосно да се одвои од фудбалот, а тоа е она што најмногу го возбудува“, пишува „Дефенса Централ“.

Вака завршува една поголема ера во Реал Мадрид, но почнува нова со Лука Модриќ како дел од клубот и во иднина.

Слични содржини