Иако спортот бара дисциплина, посветеност и здрав начин на живот, некои од најталентираните фудбалери во историјата потклекнаа пред една од најопасните зависности — алкохолот.
Тие можеа да бидат икони на спортот, но наместо тоа, станаа тажни примери за тоа како талентот понекогаш не е доволен. Еве пет фудбалски легенди чии животи и кариери беа засенети од чашата.
Пол Гаскоин – Генијот кој не можеше без пијалок
Ако има име што најчесто се поврзува со пад поради алкохол, тоа е Пол Гаскоин. Англискиот фудбалски виртуоз важеше за еден од најголемите таленти на својата генерација, но битките со зависноста беа посилни од неговите подвизи на теренот. И покрај неколкуте обиди за рехабилитација, Газа и денес се соочува со последици од својот поранешен начин на живот.

Гаринча – Волшебникот кој го изгуби животот предвреме
Бразилската легенда Гаринча беше магионичар со топката, омилен низ целиот свет поради неговиот уникатен стил. Но, зад насмевката и дриблингот се криеше зависност која му го скрати животот. Гаринча почина на само 49 години, оставувајќи зад себе наследство полно со фудбалска магија — и трагичен крај.
Џорџ Бест – „Петтата Битлс“ на Манчестер Јунајтед
Симбол на 60-тите, Џорџ Бест беше вистинска икона и надвор од теренот. Кариерата во Манчестер Јунајтед му беше блескава, но краткотрајна. Забавите, алкохолот и ноќниот живот му станаа секојдневие, и на крајот, цената беше преголема. Бест почина на 59-годишна возраст, откако долгогодишната зависност остави сериозни последици по неговото здравје.

Сократес – Докторот кој попушти пред пороците
Бразилецот Сократес беше симбол на интелигенција и стил — на и надвор од теренот. Доктор по професија, фудбалер по вокација, но и љубител на боемскиот живот. Неговата авантура во Европа не траеше долго — во Фиорентина не можеше да се навикне на поредок без ноќни забави и чаша во рака. Почина на иста возраст како Бест – 59 години.

Адријано – Императорот што го изгуби тронот
Последниот во оваа тажна листа е бразилскиот напаѓач Адријано. Со неверојатна физичка сила, прецизен удар и инстинкт за гол, тој беше ноќна мора за противничките одбрани. Но, по смртта на неговиот татко и враќањето во Бразил, се предаде на алкохолот и ноќниот живот. Неговата кариера полека згасна, а светот изгуби еден од најголемите потенцијали на своето време.