Лекар предложи како да се намали зголеменото потење во текот на летото

од Stefanija Kuzmanovska
543 прегледи

Дерматовенерологот, д-р Керим Алендар, за N1 Сараево зборуваше за теми важни за здравјето на луѓето, особено во периодот на промена на временските услови.

Д-р Алендар меѓу другото зборуваше и за потењето. Тој коментираше и за тоа како храната што ја јадеме влијае на потењето.

Што е нормално потење?

„Во границите на нормалното потење е и функционалната пот, кога ни треба кожата да биде хидрирана и „подмачкана“ со природна пот. Сè што е надвор од тоа може да доведе до некои состојби; зголемен првут, зголемена псоријаза…“ изјави д-р Алендар и додаде:

 

„Најчест период кога пациентите треба да дојдат поради зголемено потење е кога имаме црвенило на кожата, односно пазувите, препоните, скалпот. Тогаш, поради поголемото производство на маснотии, кожата не може нормално да дише и поради овој зголемен слој кожата нема доволно кислород. Кожата не може да дише, се појавува еритем, иритација и црвенило“.

Што може да помогне при зголемено потење?

„Еден од поефикасните третмани за зголемено потење кога зборуваме за пределот на пазувите, а особено кај пациенти кои имаат зголемено потење на дланките, овде имаме супер ефикасни резултати со ботоксот. Ако не зборуваме за естетика и убавина, туку за потење, ботоксот може да се примени во пределот на пазувите и дланките. Тоа се прави долги години, а во нашиот регион речиси и не се зборува за тоа“, вели докторот.

Докторот објасни и како делува ботоксот.

„Ботоксот доведува до затнување на нервните завршетоци на самиот мускул кога е во прашање естетиката, а при потењето доведува до затнување на нервните завршетоци на потните жлезди, односно лојните жлезди.

 

„Нашата кожа има лојни жлезди и потни жлезди по целото тело. Тие лојните жлезди можат да бидат проблематични, покрај природното потење во текот на летото, имаме луѓе кои се потат на нервна база. Тоа е неконтролирано потење, се срамат да се ракуваат со некого затоа што потта им капе по дланките.

Што се однесува до природните начини, детоксикацијата на телото е главната. Сауната е добра и за зголемено потење, за ослободување на жлездите при зголемено потење“, вели д-р Алендар.

„Доколку долго сме во стоечка или седечка положба, крвните садови се заситени и задржуваат течност во долните делови на нашето тело. Поради ова проширување на крвните садови и намалената физичка активност, нашето тело е забавено поради зголемената топлина. Мокрењето е ослабено и се чувствуваме надуени поради зголеменото количество на вода“, вели тој.

На прашањето како да се намали потењето во текот на летото, Алендар рече дека во летниот период секоја тешка храна го зголемува лачењето на пот. Лојните жлезди метаболизираат се што внесуваме во телото. Тоа се шеќери, јаглени хидрати и црвено месо.

„Секогаш им кажувам на пациентите да не престануваат да јадат, туку да јадат во разумни количини. Салати и полесни оброци, повеќе овошје и зеленчук за да може телото да ги метаболизира сите масти и шеќери што ги јадеме. Слично, преработена храна, салама, паштета, деца може да ги јадат, но само кога се од проверен производител каде се знае што има во производот“, изјави докторот.

Слични содржини