Јужноафриканските научници истражуваат „многу убедлива хипотеза“ дека појавата на нови варијанти на коронавирус може да биде поврзана со мутации на вирусот што се јавуваат кај заразени луѓе чиј имунолошки систем веќе е ослабен од други болести, како што е ХИВ. Научниците веќе забележаа дека Ковид може да остане многу месеци кај ХИВ-позитивни пациенти, кои не земале лекови од различни причини.
„Ако вашиот имунолошки систем е целосно функционален, вообичаено е брзо да се ослободите од вирусот“, објаснува професорката Линда-Гејл Бекер, која ја води организацијата за ХИВ „Дезмонд Туту“ во Кејп Таун. Но, кај луѓето со нарушен имунитет, како што се оние со ХИВ, забележано е дека вирусот останува во телото подолго, се размножува и се реплицира, потенцијално поминувајќи низ мутации. Можно е во некои организми да остане неколку месеци, а истовремено да мутира. Но, тоа се однесува на ХИВ-позитивните луѓе кои не земаат лекови.
Два случаи беа откриени во болниците во Јужна Африка: една жена беше позитивна на Ковид скоро осум месеци, додека вирусот претрпел повеќе од 30 генетски промени. Професорот Тулио де Оливеира, кој го предводи тимот кој го објави постоењето на „омикрон“, вели дека од 10 до 15 слични случаи се пронајдени во други делови на светот, вклучително и во Обединетото Кралство. Со оглед на вкупниот број на заразени, тоа ретко се случува. Но, една таква мутација може да има драстични последици ширум светот.
Во Јужна Африка речиси осум милиони луѓе живеат со ХИВ, а третина не земаат лекови. ХИВ не е единствениот што ја намалува ефикасноста на имунолошкиот систем: дијабетес, рак, глад, автоимуни болести, туберкулоза. Луѓето со ослабен имунолошки систем може да имаат потреба од четири или пет вакцини за вакцината да предизвика имунолошки одговор.
„Доколку сакаме да го забавиме ризикот од создавање нови варијанти на вирусот, мора да дејствуваме во секоја земја низ светот и да се обидеме да обезбедиме луѓето со ослабен имунолошки систем да бидат целосно вакцинирани и да имаат видлив имунолошки одговор на вакцините“, вели Салим Карим, јужноафрикански експерт за ХИВ и поранешен шеф на владиниот совет за коронавирус.