Лекарите во Омск, каде што рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е во болницата за реанимација, дадоа зелено светло за тој да биде пренесен на лекување во странство.
Ова на новинарите им го соопшти заменик-главниот лекар на Првата болница во Омск, Анатолиј Калињинченко.
„Германскиот тим верува дека Навални е способен за транспорт, додека ние веруваме дека е прерано. Тие преземаат ризик, ние не се спротивставуваме“, рече тој.
Сопругата на Навални побара да биде одобрен неговиот трансфер на клиника во Германија, па дури и напиша и писмо до рускиот претседател.
Авионот со лекарите од Нирнберг пристигна во Омск порано. Според досегашните информации, летот на тој авион кон Германија е планиран за сабота наутро.
Треба да потсетиме дека рускиот блогер и опозициски лидер е хоспитализиран откако му се слоши на летот од Томск кон Москва. Авионот итно слета во Омск. Навални потоа падна во кома.
Неговата портпаролка Кира Јармиш изјави дека се сомнева дека Навални е отруен. Лекарите во болницата изјавија дека тој е на интензивна нега.