Во повеќето случаи, болката во вратот е предизвикана од лошо држење на телото, стегнат нерв или непријатна положба на вратот додека спиете, но во некои случаи тоа може да биде показател за нешто многу посериозно.
Неодамнешното истражување покажа дека 70 отсто од луѓето знаат дека болката во градите е јасен симптом на срцев удар, а помалку од 30 отсто од нив се свесни за некои други, помалку познати симптоми, како што е болката во вратот, пренесува „Индекс.хр“.
Други симптоми кои укажуваат на срцев удар
Други симптоми на срцев удар може да вклучуваат болка во градите или други делови од телото, чувство на зашеметеност или вртоглавица, потење, отежнато дишење, гадење или повраќање, чувство на вознемиреност и кашлање.
Иако болката во градите е често силна, некои луѓе може да почувствуваат блага болка, поради што честопати не ни знаат дека имаат срцев удар. Додека најчестиот симптом на срцев удар и кај мажите и кај жените е болка во градите, жените имаат поголема веројатност да искусат други симптоми, како што се отежнато дишење, гадење, повраќање и болки во грбот.
Зошто се јавуваат срцеви удари?
Срцев удар се случува кога протокот на крв во срцето се блокира, што може да предизвика недостаток на кислород, што може да доведе до сериозно оштетување на мускулите, па дури и до смрт.
Стапката на преживување е поголема ако стигнете во болница на време. Токму затоа, предупредуваат лекарите, важно е да се препознаат симптомите и да се реагира што е можно побрзо.