Лекарите специјализанти излегоа на протест, па добија ветување за покачување на платите од наредниот месец

од Nikola Popovski
280 прегледи

Здружението на лекари специјализанти соопштија дека им било ветено веќе од следниот месец да им биде корегирана платата. Тие денеска протестираа пред Министерството за здравство со барање за повисоки плати, при што имаа средба со претставници од ресорот.

-Нашите барања до Министерството за Здравство се покачување на платата на приватните специјализанти согласно просечна плата во Македонија за тековната година која сега изнесува 39 800 денари, повторно воведување на бесплатното здравствено осигурување за сите колеги на приватна специјализација, навремена исплата на дежурствата со секоја тековна плата како што впрочем се исплаќа на сите останати вработени колеги и трансформација на сите приватни специјализанти во државни специјализанти, т.е. нивно вработување кое впрочем беше ветено од Министерството за здравство пред нова година во мрежата на здравствениот систем согласно потребите на болниците, порачаа лекарите специјализанти.

-Бевме примени од страна на советници на министерот, зашто тој присуствувал на друг настан во соработка со СЗО. Еден од советниците беше правен советник и ја извлековме одлуката од 2018 година врз основа на која се исплаќаат надоместоците на приватните специјализанти. Во неа, како одлука на Влада, децидно стои дека платата на приватните специјализанти треба да е во висина на плата на општ доктор за дадената година. Ни беше ветено дека Министерството за здравство ќе прати информација до Владата и до Фондот за здравствено осигурување да постапат согласно донесените одлуки и веќе од наредниот месец да биде корегината платата на приватните специјализанти, рече д-р Александра Георгиева, претседателката на Здружението на лекари специјализанти.

Како што појасни таа, добиле ветување и дека здравственото осигурување ќе биде веднаш воспоставено, односно ќе се пратела информација до здравствените установи, оти сите што се на приватна специјализација треба да бидат здравствено осигурани.

Износот на просечна плата на општ доктор сега изнесува околу 44 000 денари.

Здравственото осигурување за време на ковид-пандемијата било воведено од тогашниот министер Венко Филипче, но пред година и пол истото било укинато без образложение од Министерството за здравство.

Слични содржини