Високиот холестерол е чест проблем. Оваа восочна супстанца, која циркулира во крвта, не е нужно опасна бидејќи ни помага да изградиме клетки и да произведуваме хормони, но во прекумерни количини може да го зголеми ризикот од мозочен и срцев удар, пренесе Стандард лајф.
Доколку патиме од висок холестерол, неопходно е да направиме промени во исхраната. Одредена храна може да влијае на нивото на холестерол, па затоа е важно да ги избегнувате.
Полномасни млечни производи
Полномасните млечни производи се богати со заситени масти, што не е добро за ЛДЛ или лошиот холестерол. Доколку сакате да јадете млечни производи, изберете ги оние без маснотии, како јогурт и кефир. На овој начин ќе го намалите внесот на заситени масти и ќе го зголемите внесот на есенцијални материи кои се здрави за срцето, како што се магнезиум, калциум и витамин Д.
Црвено месо
Говедско, свинско или јагнешко месо не се добар избор за луѓето со висок холестерол. Зошто? Црвеното месо е богато со заситени масти, што му отежнува на телото да го разградува холестеролот.
Кожа на месото
Заситените масти се наоѓаат и во лушпата на месото. Ова се однесува на кожата на сите видови месо, вклучувајќи го и пилешкото и мисиркиното. Важно е да се изберат посни извори на протеини, како живина без кожа, риба, мешунки и тофу. Ако купувате мелено месо, важно е да се погрижите и тоа да е без кожа.
Ултра-обработена храна
Ултра-обработената храна, како што се чадените колбаси и чипсот, треба да се чува настрана. Станува збор за храна која содржи висок процент на нездрави масти и сол и низок процент на влакна, витамини и минерали, што е штетна комбинација од гледна точка на кардиоваскуларното здравје.
Пржена храна
Пржената храна треба да се избегнува доколку имате висок холестерол. Може да содржи и транс-масти кои можат да го зголемат нивото на лошиот холестерол и ризикот од срцеви заболувања. Ова вклучува и слатка и солена пржена храна, како што се пржено пилешко, крофни и помфрит, според Клиниката Мајо. За да одредите дали храната што ја јадете содржи транс масти, проверете ја етикетата на храната што ја купувате за делумно хидрогенизирани масла.