Лекарите во светот се на удар на властите во ек на короната, молчат за теророт: Избираме меѓу смрт и затвор

од Aleksandar Petrovski
265 прегледи

Од почетокот на пандемијата, повеќе од 3.000 здравствени работници починале како резултат на вирусот на корона. Амнести Интернешнл вели дека државните влади треба да бидат одговорни за смртните случаи, бидејќи тие не го заштитиле соодветно својот стручен кадар.

Русија, Велика Британија и Соединетите држави се на врвот на листата во однос на бројот на настрадани здравствени работници. Анализирајќи ги податоците од 79 земји до кои имал пристап од Амнести, во Русија умреле 545 здравствени работници, 540 во Велика Британија, вклучително и социјални работници, додека САД регистрирале 507 смртни случаи кај здравствените работници, пренесува Си-Ен-Ен.

– Земјите што допрва треба да го почувствуваат најсилното влијание на пандемијата, не смеат да ги повторуваат грешките на владите на државите кои не успеаја да ги заштитат правата на нивните здравствени работници и кои имаа ужасни последици – вели Санхита Амбаст, истражувач и советник на Амнести Интернешнл.

Им се закануваа затоа што ја говореа вистината

Во извештајот се наведува дека медицинските работници, а особено оние кои зборувале за ужасот со кој се соочуваат, претрпеле закани, а исто така не им била обезбедена соодветна заштитна опрема, а некои дури и не биле платени за својата работа.
На две докторки од Русија им се заканувале со одмазда затоа што се пожалиле на недостаток на опрема. Едната била обвинета за ширење лажни вести и казнета со 1.500 долари. Другата се соочува со дисциплинска постапка и се заканува отказ.

– Здравствените работници на првата линија на фронтот најдобро знаат дека мерките на нивните влади не се ефикасни, а надлежните што ги замолчуваат не можат да тврдат дека здравјето на граѓаните им е најважно – вели Амбас.

Избираат помеѓу смрт и затвор

Египетски лекар, кој побарал да не се објавува неговиот идентитет од страв за личната безбедност, изјави за Амнести дека секој од неговите колеги кои се осмелиле да зборуваат за условите во кои лекарите работат среде пандемија добиле смртни закани, и секогаш се испрашувани од членовите на Националната агенција за безбедност.

– Затоа многу лекари купуваат заштитна опрема со свои пари со цел да избегнат закани, понижување, испрашување. Властите ги принудуваат лекарите да избираат помеѓу смрт и затвор – рекол египетскиот лекар.

Амнести Интернешнл наведува дека бројот на жртвите во здравството од коронавирусот е веројатно и поголем, но дека сега е невозможно да се утврди точниот број заради начинот на кој земјите ги собираат и обработуваат податоците за починатите.

Слични содржини