Лекарот на претседателот на САД изјавил дека Доналд Трамп го завршил терапевтскиот третман за коронавирус и дека по неговото пристигнување од болницата во Белата куќа, неговата здравствена состојба е стабилна, па тој може да се врати на јавните должности во сабота.
Во изјавата на Белата куќа, д-р Шон Конли соопштил дека Трамп одговорил „исклучително добро“ на терапијата и нема докази за несакани ефекти од третманот.
Претседателот на САД, кому му претстојат избори на 3 ноември, бил хоспитализиран поради инфекција со коронавирус минатиот петок, а во понеделникот се врати во Белата куќа, каде сега е во изолација.
„Од враќањето во Белата куќа, неговата физичка состојба е стабилна и без индикации што би можеле да сугерираат прогресија на болеста“, напиша Конли.
Тој вели дека во сабота, на 10 октомври, ќе поминат десет дена откако на претседателот му било потврдено дека има инфекција со коронавирус. Според планираната насока на лекување, Конли предвидува „дотогаш безбедно враќање на претседателот на јавните должности“.
Трамп претходно изјави дека смета дека не е заразен и тврди дека се чувствува доволно добро за да продолжи да одржува политички митинзи пред изборите.