Лекарска комора: За Кузмановски нема претставки за етички пропусти во работењето, засега останува без активна лиценца

Д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност. Доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано, велат од Комората

од Nikola Popovski
19 прегледи

Комисијата за етички и правни прашања при Лекарска комора, постапувајќи по случајот со видеоснимката објавена на социјалните медиуми во која е инволвиран д-р Игор Кузмановски, упатува јавна морална осуда за настанот. Оваа се прави со цел да се заштити интегритетот и угледот на лекарската професија, бидејќи однесувањето прикажано на снимката ги нарушува довербата во професијата и не е во согласност со високите морално-етички стандарди кои се очекуваат.

Комората нагласува дека д-р Кузмановски, како и секој лекар, треба да биде свесен за својата улога и значење во заедницата. Од лекарите се очекува, како во професионалниот, така и во приватниот живот, да негуваат и покажуваат лични квалитети кои соодветствуваат на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Секој несоодветен, лекомислен, нечесен или понижувачки акт, покрај тоа што го компромитира самиот поединец, истовремено ги компромитира и сите негови колеги.

На состанокот на Комисијата, детално беа разгледани документите добиени од Министерството за здравство, а беше направена и проверка на поднесените претставки до Комората за евентуални етички пропусти во работењето, при што беше констатирано дека нема случај поврзан со д-р Кузмановски. Со цел да може да се обезбедат соодветни факти и да се добие целосна слика за етичкото однесување на докторот во изминатиот период, што сметаме дека е важно во оваа ситуација, Комисијата цени дека е важно да ги имаат на увид и извештаи од стручните комисии формирани за овој случај од страна на Министерството за здравство и од ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија. По добивањето на овие официјални извештаи и комплетирањето на информациите, Комисијата ќе донесе заклучок за понатамошно постапување во однос на прекршувањето на етичките норми.

-Д-р Кузмановски и понатаму останува без активна лиценца за вршење докторска дејност. Доставеното барање за повторно стекнување со лиценца ќе биде дополнително разгледано, велат од Комората.