Возачот на Ферари, Шарл Леклер беше најбрз на утринската сесија на последниот ден од претсезонските тестирања во Формула 1 во Бахреин.
Втор, со 0,077 секунди заостанување, беше Андреа Кими Антонели – 18-годишниот дебитант кој го зазеде местото на Луис Хамилтон во Мерцедес, а трет Ландо Норис од Мекларен. Четирикратниот бранител на титулата Макс Верстапен од Ред Бул го постигна четвртото најбрзо време.
Тестирањето беше накратко прекинато со црвено знаме откако стакло падна на патеката, но работниците брзо пристигнаа и ги исчистија остатоците, пишува агенцијата АП.
Луис Хамилтон, кој во четвртокот изјави дека „навистина ужива“ во своето Ферари, ќе вози во попладневната сесија на патеката Сахир.
Денеска е третиот и последен ден од предсезонските тестирања. Првата трка од сезоната во Формула 1 е Големата награда на Австралија во Мелбурн, која е закажана за 16 март.
Тимот на Астон Мартин го промени распоредот за да го премести Ленс Строл на попладневната сесија, откако канадскиот возач се чувствувал лошо утрото.