Фактот дека Карлос Саинц ќе одработи казна и ќе го започне денешното Гран При на Франција од дното на решетката му овозможи на тимот на Ферари да го искористи Шпанецот за да му помогне на Шарл Леклер за време на вчерашните квалификации.
Саинц и покрај суспензијата учествуваше до самиот крај на квалификациската сесија, во која имаше многу важна улога во третата фаза.
Тој имаше задача да го „повлече“ својот тимски колега по излегувањето од шиканата на правецот „Мистрал“ и преку кривината „Син“, која се изведува со полн гас. Ова последователно му овозможи на Леклер да одржи поголема брзина на овој дел од патеката, што на крајот му ја донесе пол-позицијата за денешниот старт во Франција.
Сепак, самиот Леклер призна дека на првото излегување на патеката стратегијата на Ферари не функционирала најдобро, бидејќи тие не вежбале за време на тренинзите. Во вториот летечки круг, сепак, беа направени соодветни прилагодувања и тоа му овозможи на Шарл да го искористи максимумот од воздушната струја на Саинц.
„Во првиот круг беа премногу блиску во шиканата на свиоците 8 и 9 и јас изгубив малку таму, не отидов како што сакав. Потоа во вториот круг се адаптиравме и се снајдовме подобро, што ми донесе пол. Имавме одлична комуникација и помошта на Карлос беше голема“, изјави Леклер за време на прес-конференцијата по завршувањето на вчерашните квалификации.