Регулаторното тело на ЕУ за лекови денеска соопшти дека „во рок од неколку недели” може да одлучи дали да ја одобри употребата на лекот против Ковид-19 на „Фајзер”, Паксловид, откако американскиот производител на лекови поднесе барање за одобрување.
„Побарано е одобрение за третман на лесна до умерена форма на Ковид-19 кај пациенти на возраст од 12 години и постари, кои тежат најмалку 40 килограми и се изложени на висок ризик од влошување на здравјето”, соопшти Европската агенција за лекови (ЕМА).
Вакцините остануваат клучно средство во борбата против пандемијата, но регулаторите ја гледаат терапијата со лекови како нова алатка во борбата против Омикрон, брзо распространетата варијанта на коронавирус, која досега е откриена во повеќе од 128 земји.
Лекот Паксловид, кој треба да се зема пет дена за време на домашно лекување и по првите симптоми на Ковид-19, беше одобрен од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) во декември за лица на возраст од 12 години и постари.