Лекција од Сирија: Ердоган нема да заборави како Путин го понижи

од Stefanija Kuzmanovska
500 прегледи

Владимир Путин се брза. Тој посакува што е можно побргу да изјави дека победил во војната во Сирија. Кремљ го спаси режимот на сирискиот диктатор Башар ал Асад од навидум неизбежен пораз – за што цивилното население во регионот плати висока цена, пишува ДВ во својата анализа.

Единствената пречка што Русија и нејзиниот сириски сојузник допрва треба да ја надминат е провинцијата Идлиб, која останува под контрола на коалицијата што се бори против Асад. Оваа пречка ги блокира и другите планови на Путин.

Од една страна, тој допрва треба да заврши еден важен домашен политички проект: измената на рускиот устав преку референдум на национално ниво на 22 април. Промените што сè уште се прават, ќе му овозможат да ја задржи контролата врз политичкиот систем, како и сите важни политички и кадровски решенија, дури и по завршувањето на неговиот мандат во 2024 година.

Повеќе анкети покажаа дека Русите не се восхитуваат од странските војни предводени од Кремљ. Евентуалната „крајна победа“ во Сирија (Путин двапати вети дека ќе ги повлече руските трупи од земјата) ќе му биде од голема помош дома.

Второ, охрабрени од најавите на францускиот претседател Макрон на Минхенската конференција за безбедност, рускиот владетел се надева дека односите со ЕУ ќе бидат значително затоплени, ако не бидат и целосно нормализирани.

Ова е остварливо ако – и ова е трета причина зошто Кремљ се разбрзал на Блискиот исток – Путин е во состојба да ги убеди Европејците дека мора да извршат притисок врз украинското раководство да ги прифатат условите на Русија за ставање крај на конфликтот во отцепените региони на Источна Украина, веќе под контрола на Москва.

Ризичен потег

За да го стори сето ова, продолжува изданието, Путин мора да го остави сирискиот хаос зад себе. Не без причина, тој сфаќа дека ако барем се воспостави релативен мир во Сирија, Западот ќе заборави дека ги обвинил руските вооружени сили за воени злосторства.

Но, овие сметки носат ризици. Плановите на Кремљ за брзо решавање на конфликтот во Сирија се спротивставуваат на тие со турскиот претседател Ердоган, со кого до само пред неколку недели одржуваа пријателски односи. Двете земји сега се на работ на директна воена конфронтација, особено откако 33 турски војници беа убиени во воздушен напад во четвртокот. Во официјалната верзија на Дамаск и Москва се наведува дека турските војници биле нападнати од сириските трупи и во област, каде што тие не би требало да се наоѓаат. Сепак, постојат сомнежи дека нападот против нив го извршиле руски борбени авиони, кои обезбедуваат воздушна заштита во копнените области на Асад.

Анкара не сака да ја обвинува Москва, бидејќи така ќе ризикува воен судир со Путин. Ердоган не сака такво нешто. Истото важи и за НАТО, од кои Турција е дел.

Ердоган ги помина последните две години демонстрирајќи ја својата независност од Алијансата, купувајќи руски ракетни системи и учествуваше во мировните преговори во руското одморалиште Сочи, истовремено игнорирајќи ги Соединетите држави и нејзините други западни сојузници. Но, за да му се спротивстави на Путин, на турскиот претседател сега му треба повеќе отколку само уверување за солидарност од страна на Брисел.

Игра „ол ин“

Во очајнички обид да ја добие поддршката од Западот, Ердоган ги отвори границите на Турција за да пушти над 1 милион сириски бегалци во ЕУ. Во ова, Ердоган гледа средство за повторување на бегалската криза во 2015 година, што би ги принудило европските лидери да дејствуваат брзо и да извршат притисок врз Путин.

Има многу иронија во фактот дека Ердоган користеше толку многу време и напор да се дистанцира од НАТО и ЕУ и сега треба да ги моли нив. Ова не можеше да го избегне вниманието на Русите. Сепак, ризичната стратегија на Кремљ би можела да се покаже како автогол, доколку Ердоган реши да ја продолжи својата копнена офанзива против армијата на Асад, и ако во игра ги внесе и турските воздушни сили. А кој ќе излезе победник од оваа „ол ин“ игра – не е нејасно.

Изгубената љубов на Ердоган кон НАТО

Тој конфликт би можел да заврши задоволително за Путин – доколку тој дејствува доволно брзо во Сирија за да престигне каква било турска акција. Масовен напад со бомби врз Идлиб ќе биде доволен; и цивилните жртви никогаш не ги интересирале особено Путин и неговите генерали.

И може да биде траен компромис по телефонскиот разговор на Путин со Ердоган во петокот (28.2). Сепак, на долг рок, рускиот претседател најверојатно ќе се соочи со нови проблеми.

Ердоган никогаш нема да го заборави понижувањето, што го издржа од Русија. Ја ослабна својата позиција и однатре и во очите на партнерите на НАТО. Ердоган веројатно ќе започне да ги подобрува своите односи со Алијансата. Но, тој нема да се смири со режимот Асад, што значи дека сонот на Путин за освојување на сириското мочуриште нема да се оствари, пишуваат од Дојче Веле.