Секое дете има право на образование и треба да се чувствува безбедно во и околу училиштето, но сепак конфликтите и вонредните хуманитарни случаи спречуваат милиони деца да имаат пристапат до квалитетно учење, предизвикувајќи длабоки последици за цели генерации и нивните заедници ширум светот, наведе еврокомесарот за кризен менаџмент Јанез Ленарчич во писмена изјава по повод Меѓународниот ден за заштита на образованието од напади – 9 септември.
– ЕУ ја потврдува својата силна и непоколеблива посветеност да го промовира и заштити правото на секое дете да расте во безбедна средина и да има пристап до квалитетно образование. За жал, во 2022 година беа идентификувани повеќе од 3.000 напади врз образованието, што претставува зголемување од речиси 20 отсто во однос на претходната година. Речиси една третина од сите напади се случија во само три земји: Украина, Мјанмар и Буркина Фасо, посочи Ленарчич.
Според него, ваквите примери од целиот свет даваат вознемирувачка слика, посочувајќи дека намерното таргетирање на училиштата, учениците и наставниците во Централна и Западна Африка доведе до затворање на 13.371 образовни институции.
– Покрај тоа, при руската инвазија на Украина, минатата година беа бомбардирани и гранатирани повеќе од 3.750 образовни институции, а повеќе од 1.300 училишта беа целосно уништени. ЕУ издвои над 100 милиони евра за обнова на оштетените училишни згради во Украина, наведе еврокомесарот.
Според него, околу 5,7 милиони деца на училишна возраст во Украина не можат да следат настава, а во училиште одат само околу една третина од основците и средношколците.
Ленарчич додава дека од друга страна авганистанските девојчиња се лишени од можноста за продолжување на образованието по завршување на основното училиште.
– Откако ја презедоа власта во август 2021 година, талибанците ги уништија надежите на многу од нив за пристап до средно или високо образование. Постои страв од изгубена генерација млади девојки и жени во земјата, посочи Ленарчич.
Тој во изјавата нагласува дека ЕУ силно ги осудува нападите насочени против образованието и насилното нарушување на безбедна средина за децата, потсетувајќи дека Европската комисија и УНИЦЕФ во март годинава побараа колективен ангажман на меѓународната заедница и зголемување на јавното финансирање на образованието во кризните региони.
– ЕУ ја продолжува својата силна мобилизација за финансирање на образованието во итни случаи, посветувајќи 10 отсто од својот буџет за хуманитарна помош за поддршка на пристапот, квалитетот и заштитата на образованието. За следната година, ЕУ издвои околу 157 милиони евра за поддршка на образованието на децата и младите погодени од вонредни хуманитарни случаи, додаде Ленарчич.
ЕУ во соработка со Програмата за развој на ОН (УНДП) неделава започна проект за обнова и опремување на најмалку 66 училишта во 11 региони во Украина уништени во конфликтот, како дел од напорите за враќање на украинските ученици во училишните клупи.