Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски денеска информира дека се повлекува со неговата улога во протестите на приватните превозници, за да, како што вели, „помогнам и да не бидам изговор на нерешавањето на овој проблем“.
-Гледам дека се прават разни спотови за меѓуполитичка пресметка. Создава атмосфера на дефокус од вистинскиот проблем. Сега е важен момент да ги тргнам дефокусирањата на вистинскиот проблем, за да можат без тие наводни политички влијание и интереси да истраат во своите барања и наплаќање на долгот. Помагам на приватните превозници кои што досега 23 години ми ја давале довербата и сега сметам дека е важен момент за да ги тргнам сите дефокуси. Слобода превоз останува да постои и останувам да бидам директор. Се надевам дека ваквиот потег ќе ги охрабри институциите, наместо да се занимаваат со моето име и да прикажуваат слики од мене каде сум бил и што сум правел. Сликите се од мојот личен профил и тие се јавно објавени. Последниот дефокус е моето присуство на хуманитарна забава која што беше организирана од екс-градоначалникот на Центар, на која што присуствувавме од „Ноќните волци“, рече Јовановски на прес-конференција пред објектите на Градското собрание.
Тој жали што Скопје трпи вакви случувања, во период кога, како што вели, сакаме да се покажеме колку заслужуваме да бидеме во ЕУ.
-Институциите го покажуваат пред светот. Додека секаде во Европа протестираар за добивање на поголеми права, во случајов приватниците протестираат за да ги остварат своите стекнати права, рече Јовановски.