Ленинград го врати старото име Санкт Петербург, заминаа Куросава, Павароти…

од Vladimir Zorba
174 прегледи

На денешен ден 6 септември  

1522.- Шпанскиот морепловец Хуан Себастијан дел Кано прв ја обиколил Земјата враќајќи се во Шпанија со бродот „Викторија“ со само 18 морнари. Со тоа тој ја звршил експедицијата започната во 1519 година. Експедицијата била составена од пет брода и 270 морнари.

1569.- Умрел Питер (Стариот) Бројгел (Брухел), фламански сликар, реалист и колорист, еден од првите пејзажисти во светот според вредноста и според времето во кое живеел. Претежно сликал сцени од селскиот живот. Зад себе оставил 40 слики, 100 цртежи и други дела. Автор е на делата „Ловци во снег“, „Поклонување на кралевите“, „Селска свадба“, „Селско оро“ и други. Роден бил околу 1525 година.

1683.- Умрел Жан Батист Колбер, француски државник, преродбеник на француската морнарица и основач на поморската и колонијалната моќ на Франција. Роден бил на 29 август 1619 година.

1766.- Роден е Џон Далтон, англиски хемичар и физичар, еден од основачите на атомската теорија на материјата, кој прв ја поставил врз експериментална основа. Своето сфаќање го изнесол во делото “Нов систем на филозофијата и на хемијата”, го објавил Прустовиот закон на постојани пропорции и го поставил законот за зголемени пропорции. Прв ги одредувал атомските тежини и хемиските елементи. Ги испитувал особините на гасовите, го поставил законот за парцијалните притисоци и се занимавал со метеорологијата. Бидејќи страдал од слепило за боја, ја проучувал и таа анатомија, која според него е наречена “далтонизам”. Умрел на 27 јули 1844 година.

1860.- Родена е Џејн Адамс, општествен реформатор, доботиник на Нобеловата награда за мир во 1931 година. Се занимавала со практично решавање на социјалните проблеми и била претседател на Меѓународната женска лига за мир и слобода.

1876.- Роден е шкотскиот физиолог Џон Џејмс Рикард Меклауд, кој заедно со канадскиот физиолог Фредерик Грантом Бантинг во 1923 година ја поделил Нобеловата награда за медицина за откривањето на инсулинот.

1901.- Во Бафало, во САД, бил извршен атентат врз американскиот претседател Вилијам Мекенли кој умрел по една недела, а на 14 септември истата година Теодор Рузвелт станал нов претседател на САД.

1903.- Кај селото Витишево, Кочанско, во борба против турската армија загинал Милан Трајков Стоилов, македонски револуционер, еден од основачите и секретар на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, член на Тајниот македонско-одрински кружок и учесник во Илинденското востание. Роден бил во Кукуш, на 14 јануари 1881 година.

1914.- Почнала битката на реката Марна, една од најважните во Првата светска војна. Таа го означила пресвртот на боиштето, бидејќи француската војска ја поразила германската, која до тој момент бележела голема предност.

1940.- Романскиот крал Карол Втори Хоенцолерн во Втората светска војна абдицирал во корист на неговиот син Михајло.

1943.- Поради акциите што ги презел Вториот кичевски НОП одред низ Копачијата, италијанскиот окупатор заедно со балистичките банди го запалиле селото Извор, Кичевско, во  пожарот изгореле повеќе куќи и плевни.

1944.- Царската влада на Бугарија и објавила војна на нацистичка Германија. Одлуката била донесена во моментот кога единиците на Црвената армија веќе дошле  до бугарската граница. Бугарија дотогаш била сојузник на Третиот Рајх.

1962.- Во Струга започнала првата поетска манифестација Струшки вечери на поезијата. Најзначајната награда на Струшките вечери на поезијата е “Златниот венец”, која првпат му е доделен во 1966 година на советскиот поет Роберт Иванович Рождественски за најдобра песна. Од 1971 година “Златниот венец” се доделува за целокупен поетски опус. Исто така, во рамките на овој засега најстар и во континуитет никогаш не прекинуван меѓународен поетски фестивал се доделува и наградата „Браќа Миладиновци“ за најуспешна поетска книга објавена на македонски јазик меѓу две изданија на фестивалот.

1966.- Јужноафриканскиот премиер Хендрик Френш Фервуд за време на парламентарната дебата во Кептаун го убил собранискиот курир Димитрик Кафондас. За време на неговото владеење од 1958 година донесени биле најголем дел закони со кои се регулирал системот на апартхејдот во Јужна Африка.

1968.- Африканското Кралство Свазиленд се стекнало со незвисност од Велика Британија, која со него владеела од 1881 година.

1970.- Палестински терористи грабнале четири авиони кои летале од Европа во Њујорк. Следниот ден во Карио го заплениле авионот „Боинг 747“ на американската компанија „Пан американ“, а двата „Боинга 707“ ги дигнале во воздух на 12 септември 1970 година во Јордан. Четвртиот авион го спуштиле во Лондон, а грабнувачката Лејла Калед била уапсена.

1974.- Претставници на Фронтот за национално ослободување на Мозамбик и претставници на португалската Влада склучиле спогодба за независност на Мозамбик.

1975.- Во катастрофалниот земјотрес што ја зафатил Турција загинаа околу 2.350 лица.

1991.- СССР ги признала за независни Литванија, Летонија и Естонија.

1991.- Ленинград го вратил старото име Санкт Петербург.

1994.- Ирскиот премиер Алберт Рејнолдс првпат во име на ирската влада се сретнал со Џери Адамс, лидерот на северноирската партија Шин Фејн со кој разговарал за политичко решавање на долгогодишната криза во судирот меѓу римокатолиците и протестантите во Северна Ирска.

1998.- Умрел јапонскиот филмски режисер Акира Куросава, кој ја прославил јапонската кинематографија. Куросава е единствениот режисер добитник на два Оскара за најдобар странски филм. Успешно ги споил јапонската традиција и култура со европскиот сензибилитет, а критичарите го нарекле „цар на јапонската кинематографија“. Филмови: „Седум самураи“, „Крвавиот престол“, „Идиот“, „Да се живее“ и други. Роден бил во Токио, на 23 март 1910 година.

2001.- Британецот Питер Бреј прв со кајак го препливал Атлантскиот Океан, за што му биле потребни 75 дена.

2002.- Германската Влада одлучила да им исплати повеќе од две милијарди евра надомест на спортистите од поранешна Источна Германија подложени на систематската програма за допионг од седумдесетите години на 20. век.

2007.- Во Модена умрел светски познатиот италијански тенор Лучано Павароти. На Павароти му била поставена дијагноза рак на панкреас по што му била направена операција. Неговата светска слава почнала на 17 февруари 1971 година со настапот во њујоршкиот Метрополитен. Во 1990 година се здружил со Хозе Карерас и Пласидо Доминго. Павароти добил неколку „Греми“ награди. Поради здравствените проблеми тој се простил од настапите во 2004 година. Роден бил во Модена на 12 октомври 1935 година./МИА

Слични содржини