Летечкиот Samson Switchblade доби дозвола за пробни летови

од Vladimir Zorba
228 прегледи

Samson Switchblade е нов прототип на летечки автомобил кој ќе може да започне со тестирање во САД откако неговиот производител Samson Sky доби одобрение од американската Федерална управа за авијација (FAA). Samson Sky ја развива својата идеја во изминатите 14 години и стигна до фаза кога ова необично возило „трансформатор“ може да патува на пат и во воздух.

Како што се гледа на приложените слики и видео, Switchblade е автомобил со три тркала и преклопни крила. Вози на пат како обичен патен компактен автомобил, а со допир на копче возачот може да го претвори во авион, преку автоматизиран процес кој трае само околу три минути.

Основата на погонската група е трицилиндричен 1,6-литарски бензински мотор со водено ладење, со моќност од 190 КС. Овој мотор се користи како генератор на електрична енергија, бидејќи и во случај на возење и во случај на лет, електричните мотори се одговорни за пренос на енергија, поврзани со тркалата и со пропелерот сместен во задниот дел на возилото.

Во случај на возење по пат, во некои области ова возило може да се регистрира и како мотоцикл, а неговата максимална брзина на земја е 125 км/ч. Откако ќе полета, може да достигне брзина на летање до 322 км/ч. Декларираната брзина на крстарење е 257 км/ч.

За полетување, на Switchblade му треба писта или релативно рамен дел од патот, долг најмалку 335 метри. За слетување потребни се само 213 метри писта. Производителот наведува дека преклопеното возило е доволно компактно (5,1 x 1,8 метри, високо 1,5 м) за да се смести во просечна гаража. Со полн резервоар од 125 литри, може да прелета преку 720 километри.

Откако ќе заврши со тестирањето, американскиот летечки автомобил би можел да биде пуштен во продажба, по проценета цена од 150.000 долари. Интересно е што ќе се продава во комплет што секој клиент ќе треба да го состави – што може да потрае дури 2.000 работни часа. Наводно, компанијата веќе има резервации за дури 1.670 од првите произведени примероци, но овие клиенти не платиле депозит (тоа ќе им се бара дури по првиот официјален јавен лет).

Слични содржини