Летното сметање на времето нема да смени повеќе од два до три отсто во вкупната состојба во државата, смета Мицкоски

од Берта Китинска
136 прегледи

Предлогот на Владата за продолжување на летното сметање на времето за сметка на зимското, според претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нема да смени повеќе од два до три отсто од вкупната слика од состојбата во државата.

„Не мислам дека ќе смени повеќе од два до три проценти од вкупната слика. Тоа не е доволно, доволно е ова што го зборувам. Ова нека го прифатат, нека аплицираат, нека го стават на хартија, нека пресметаат и нека им помогнат на компаниите. Тие ќе бидат благодарни“,рече Мицкоски.

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска изјави дека во тек се анализите кои треба да покажат дали ќе се премине кон зимското сметање на времето или ќе остане летното сметање.

„Анализите се прават и најверојатно до крајот на неделата ќе бидат подготвени по што одлуката треба да се донесе до крајот на месецот согласно законот“, изјави Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција на која беше најавен почетокот со работа на соларната електрана со капацитет од 17 мегавати лоцирана во светиниколско Амзабегово.

И премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во моментот не би можел да каже каква одлука ќе се донесе се додека не ги види анализите.

„Ќе видиме дали ќе продолжиме со летното сметање на времето или како досега ќе ја направиме промената. Во моментот, не можам да ви кажам, би сакал да ги видам анализите. Во моментот повеќе има про оставање на летното сметање на времето но, да ги видиме сите детални анализи и потоа ќе донесеме одлука“, рече Ковачевски.