Летната сезона за 2025 година носи нова реалност за многумина граѓани на Македонија. Наместо луксузни аранжмани и долги престои во странство, фокусот ова лето е ставен на евтино, блиску и скромно. Туристичките агенции забележуваат пад од околу 20% во побарувачката за летни аранжмани споредено со минатата година.
„Локално“ стапи во контакт со две туристички агенции кои едногласно кажа дека инфлацијата се чувствува како во сите работи така и во самите аранжмани, па за разлика од лани бројот на лица кои заминуваат на одмор е намален за 20%.
Ова поскапување ги натера многумина да скратат на денови, да изберат поскромно сместување или дури да патуваат само за викенд. Сѐ повеќе клиенти бараат апартмани со ниска цена, самостојна организација и патување со сопствено возило.
– Има мало поскапување во аранжманите, но тоа се должи што секоја година ги плаќаме сместувачките капацитети поскапо, велат од агенцијата „Скаут“ и додаваат дека и оваа година година меѓу Македонците најпопуларна туристичка дестинација е Грција, а веднаш зад неа е Црна Гора.
Бројот на македонски туристи кои ја посетиле Грција во 2024 година достигнал над еден милион, а слична бројка се очекува и годинава. Цените се зголемени за околу 20 до 30 проценти во споредба со 2023, но понудата останува богата и разновидна – од приватни апартмани до ол-инклузив хотели.
Лани беше објавено дека Грција ја посетиле 1.128.000 туристи од Македонија во 2023 година – бројка речиси двојно поголема споредено со 2022 година, согласно податоците од Институтот на Асоцијацијата на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ).
Во истражувањето „Кој каде оди? Колку долго останува? Колку троши?“, ИНСЕТЕ ги анализира официјалните податоци на Банката на Грција за туризмот и туристите во земјата во 2023 година, а поконкретно се фокусира на секој од 13. грчки региони. Македонија тогаш меѓу првите 15 држави според бројот на туристи.
Грција останува најпосакуваната летна дестинација за македонските граѓани, но оваа сезона туристите ќе се соочат со нови правила кои стапија на сила. Македонците, како едни од најчестите гости во соседството, ќе треба да бидат подготвени на нови обврски при своето летување. Грчките власти воведоа дополнителен надоместок за престој, како дел од мерките за заштита на локалното културно наследство и инфраструктурата, која трпи под големиот притисок на масовниот туризам.
Како што информираат од грчките институции, данокот за престој ќе се наплатува во зависност од видот на сместувањето и времето од годината. Тој ќе биде повисок за време на главната туристичка сезона, а ќе се наплатува по соба или сместувачка единица, без разлика на бројот на лица кои престојуваат.
Граѓаните денес се попрагматични, планираат внимателно, ги споредуваат понудите и бараат максимум вредност за своите пари. Токму затоа, најголемиот дел од нив ова лето ќе се одлучат за места каде се чувствуваат безбедно, кои веќе ги познаваат и каде знаат дека ќе добијат солиден одмор без големи трошоци. Во таа смисла, трендот на одмор близу до дома веројатно ќе остане доминантен и во годините што доаѓаат.
В.П.