Летонија, Литванија и Естонија протераа руски дипломати

од Nikola Popovski
405 прегледи

Како солидарност со Чешка, Литванија протера двајца руски дипломати, а Летонија и Естонија по еден, објавија министерствата за надворешни работи на тие земји.

„Во знак на солидарност со нашите чешки сојузници и поради кршење на Виенската конвенција, Летонија донесе одлука за протерување на рускиот дипломат. Летонија нема да толерира субверзивни активности на нејзината територија, како и на територијата на нејзините сојузници и партнери“, објави министерот за надворешни работи на таа земја, Едгарс Ринкевич на Твитер.

Министерството за надворешни работи на Литванија го повика претставникот на Амбасадата на Русија во Литванија и му предаде дипломатска нота, со која двајцата вработени во амбасадата се прогласени за персона нон грата, се наведува во соопштението на веб-страницата на Министерството.

Се посочува дека двајцата дипломати, кои наводно „вршеле активности некомпатибилни со нивниот дипломатски статус“, имаат рок од седум дена да ја напуштат земјата. Нагласено е дека ваквиот чекор сведочи за „солидарноста“ на Литванија со Чешка.

Рига, Вилнус и Талин одговорија на овој начин на барањето на Прага до земјите на НАТО и ЕУ да се солидаризираат со Чешка, која претходно протера 18 руски дипломати, откако чешкиот премиер Андреј Бабиш на 17 април рече дека Прага се сомнева на руското разузнавање дека се одговорни за експлозијата во складиштето за муниција во селото Врбјетице во 2014 година.

Следниот ден Русија прогласи 20 лица вработени во амбасадата во Чешка за персона нон грата. После тоа, Министерството за надворешни работи на Чешка одлучи да го изедначи бројот на вработени во руската амбасада во Прага до крајот на мај со бројот на вработени во чешката амбасада во Русија, што значи дека околу 70 вработени во Руската амбасада треба да ја напушти Прага.

 

Слични содржини