Постапката за сервисирање на авионите е започната, но имаме и жалби и некои компликации во однос на процедурите, оти знаете дека таа спаѓа во она што се нарекува критична инфраструктура и е постапка, односно работа којашто не трпи импровизации, изјави Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути во интервју за РСЕ.
Посочи дека авионите се уште не се сервисирани, затоа што постапка за сервисирање на авионите била спроведена и лани, односно во текот на 2020, неуспешна и на некој начин се појавува отворено временски рок во кој авионите не можат да летаат, затоа што се уште се сервисираат.
На прашање зошто секоја година со истата шпанска фирма се склучува овој тендер, истакна дека шпанската фирма Титан, која и порано постоела но со различно име, успеала да биде, можеби, единствената фирма којашто учествувала на јавната набавка.
– Тоа по сите прописи не би требало да биде така, бидејќи ние така зависиме само од еден оператор, ние не можеме да го одбереме и најповолното и најевтиното и најдоброто за нас. Од друга страна тие се единствените понудувачи на резервните делови во Европа и се застапници на американската фирма која ги произведува деловите за овој тип на авиони. И на некој начин, скоро секоја година, сме условени со тоа што од овој оператор се зголемува енормно цената за сервисирање за 30 до 40 отсто секоја година ни стигаат покачување на побарувањето од нивна страна и покрај тоа што планираните средства, според потребите, се драстично помали од тоа што вистински има потреба, истакна Максути.