Јоаким Лев најави дека ќе ја напушти репрезентацијата на Германија по петнаесет години поминати на клупата, по завршувањето на Европското првенство ова лето. Сепак, иако на почетокот се чинеше дека заминува на заслужен одмор, 61-годишниот стручњак има и други планови. Имено, како што пишува добро информираниот новинар на Билд, Кристијан Фолк, Лев започнал да учи шпански јазик.
Фолк истакнува дека се уште актуелниот тренер на „панцирите“ во повеќе наврати претходно зборуваше дека сака да го преземе Реал Мадрид еден ден. Друг новинар од истиот весник, Јан Аге Фјортофт, открива дека Лев ја одбил понудата да седне на клупата на кралскиот клуб пред неколку години.
Сепак, во тоа време Лев беше на кормилото на германската репрезентација. Нема повеќе по Европското првенство. А, местото на клупата на Реал лесно може да остане празно на крајот од сезоната, доколку Зинедин Зидан остане без ниту еден трофеј, што многу лесно може да се случи. Тој беше елиминиран во Купот во осминафиналето, титулата во Примера е далеку од сигурна, додека Ливерпул го очекува во четвртфиналето.
А добро е познато дека Флорентино Перез тешко простува „сува“ година.