Напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски се обиде да ја разјасни својата позиција во интервју за Билд. 33-годишниот Полјак најави дека сака да го напушти клубот по осум години поминати во Баварците. Барселона изгледа како неговиот најверојатен иден клуб, иако не е јасно како Каталонците ќе најдат парите за неговиот трансфер. Неговиот обид да го напушти Баерн една година пред истекот на договорот наиде на критики од клубот и германскиот печат.
„Не сум себичен. Знам што имав во Баерн и го ценам тоа. Знам и дека дадов се од себе за да не ги разочарам клубот и навивачите во последните осум години. По овој период чувствувам дека е време за нова етапа. Го почитувам Баерн и правилата, но промените, особено после толку време, се дел од животот и кариерата на еден играч. Се надевам дека не изгледам себично. Имам договор, но се обидов да му објаснам на клубот како се чувствувам“, изјави Левандовски.
„Секогаш давав се за Баерн да ги оправда очекувањата на тимот и навивачите. Ги ценам навивачите на Баерн, тие секогаш ме поддржуваа. Да не бев искрен за мојата ситуација, ќе почувствував дека не сум искрен со навивачите“, додаде тој.
Напаѓачот не сака да си замине како слободен играч, туку Баерн да земе пари од неговиот трансфер. Тој се надева дека ќе се најде решение кое ќе ги задоволи двете страни. Запрашан дали верува дека ќе го напушти Баерн ова лето, Полјакот одговори: „Не знам. Имам договор за уште една година, па побарав од клубот дозвола да си заминам. Мислам дека ова е најдоброто решение во оваа ситуација, бидејќи клубот ќе земе трансферна сума“.
„Од почетокот реков дека треба да бараме решение кое е добро за двете страни. Баерн е еден од најголемите клубови во светот, клуб од соништата за многу големи играчи. Мислам дека е подобро Баерн да ги вложи парите што може да ги земе за мене наместо да ме држи до крајот на договорот. Не сакам да притискам никого, тоа не е целта. Сакам да најдам решение.
Сакам ова да заврши. Емоциите треба да се оладат, сакам да зборувам мирно, а не преку медиумите. Знам дека конфликтот е на насловните страници, но јас и Баерн не сме непријатели. Имам голема почит кон клубот и она што го постигнавме во последните осум години. Бев среќен, запознав прекрасни луѓе на теренот и надвор од него, но разделбата е дел од фудбалот“, изјави Левандовски.