Роберт Левандовски е решен да го напушти Баерн (Минхен) на лето, повторно категоричен беше неговиот агент, Пини Захави. Напаѓачот има договор со клубот на уште една сезона, поради што шампионите во моментов одбиваат да го пуштат. Тој се очекува во Барселона, откако се шпекулира дека Шпанците ќе треба да платат околу 40 милиони евра.
„Роберт сака да замине и никој од нас не се интересира за пари. Вистината е дека веќе неколку месеци не ја чувствува почитта од управата. Доколку клубот навистина сакаше да му понуди нов договор, ќе искористеше една од можностите. Сепак, тие не го направија тоа“, изјави Захави за „Билд“.
„Нема понуда за Левандовски. Вистината е дека по осум сезони во Баерн, во кои даде се за клубот, Лева има желба да си замине за да го оствари својот животен сон“, додаде менаџерот.
„Во фудбалскиот бизнис сум долги години и сум видел многу, но однесувањето на Баерн ме изненади. И наместо да се прашуваат каде грешат, тие ме обвинуваат мене за се“, изјави агентот.