Левица денеска соопшти дека фирма блиска до генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, склучила договор со Државната лотарија вреден 14 милиони денари. Овие средства, како што обвинуваат од партијата, наместо во касата на ЈСП-Скопје, ќе завршат во приватната фирма „Маратон Груп“.
Според Левица, Јанушев во 2017 година, како екс-директор на ЈСП, ја укинал маркетинг службата на претпријатието и склучил договор со приватна фирма која добила право да го продава рекламниот простор на автобусите и постојките на ЈСП. Се додава дека управител на фирмата е Љупчо Костовски, близок соработник на Јанушев.
-За штетата да биде уште поголема, договорот е со времетраење од 10 години, ѝ овозможува на фирмата огромен профит, додека ЈСП скоро да нема апсолутно никаква корист од тоа. Претпријатието тоне во долгови, а скопјани добиваат сè понеквалитетни услуги. Ова е пример за злоупотреба на јавните ресурси во корист на приватни интереси. Го повикуваме ДПМНЕ да го раскине овој штетен договор и да ги врати маркетинг ингеренциите на ЈСП. Само така ќе обезбедиме дополнителни средства за подобар јавен превоз и ќе го заштитиме јавниот интерес, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.