„Откако ја разобличивме мрежата во Државната комисија за спречување на корупцијата и со факти ја принудивме на оставка “антикорупционерката” Цвета Ристовска, наместо расчистување на одговорноста и демонтажа на воспоставените механизми за влијание, сведочиме на класично прегрупирање на кадрите во рамки на истиот систем“, соопштија од Левица. Според партијата, Татјана Наќева, која била посочена во нивното прво соопштение од серијалот за ДКСК, како дел од механизмот за филтрирање и контрола на предметите во ДКСК преку нејзината архива, од Левица велат дека уште веднаш ВМРО-ДПМНЕ ја прераспоределила во друга институција.
-Станува збор за нејзино вработување во Комисијата за заштита на конкуренцијата, на позиција помлад соработник во Одделението за оценка на концентрации. Претседател на оваа институција е Никола Трајчевски, секако, активен и истакнат член на ДПМНЕ, личен пријател на директорот на АНБ, Бојан Христовски, чија фалсификувана диплома беше аминувана од Цвета Ристовска.
Постапката за избор јасно укажува на нерегуларности. Во првата и втората фаза од огласот, Наќева има приближно 14 бодови помалку од прворангираниот кандидат. Во завршната фаза (интервјуто), бодовите ѝ се зголемени и се избира кандидат кој објективно не бил најквалификуван.
Дополнително, нивото на несериозност и институционална дрскост, трагикомично, оди дотаму што во официјалното решение лицето е наведено со својот прекар – „Тања“, стои во партискиот став.
Според Левица, овој случај ја потврдува претходната констатација дека ангажманот на Наќева во ДКСК не бил случаен, ниту административно оправдан.
-Позиционирањето во архивата, и покрај постоечка кадровска екипираност, овозможило директен увид и влијание врз текот на предметите. Преку ваков канал, се овозможувало селектирање, одложување и контролирање на постапки поврзани со лица блиски до власта.
Наместо санкционирање на ваквите практики, сведочиме на нивна институционална миграција. Кадар кој бил дел од сомнителен механизам за влијание во антикорупциско тело, денес се позиционира во орган што одлучува за концентрации и економска моќ. Тоа укажува на постоење на конзистентна шема, т.е. дека кадрите не се отстрануваат, туку се ротираат.
Мрежата која ја разобличивме не функционира изолирано. Таа се потпира на поврзани структури – институции, партиски кругови и приватни т.н. универзитети, кои овозможуваат континуитет на влијанието без оглед на јавните скандали, порачаа од партијата на Димитар Апасиев.